Кошаркарите од Маврово тргнуваат кон ЕП 2025

130

Нормално, пласман на едно ЕП по пауза од десет години би бил успех за оваа репрезентација. Ќе работиме една недела во Маврово. Нема да бидеме комплетни. Ни следува еден натпревар со Црна Гора, па се надевам дека ќе видиме работи што ќе може да ги искористиме на мечевите со Данска и со Словачка, и тоа во комплетен состав, вели селекторот Јончевски

Македонската машка кошаркарска репрезентација ги почна подготовките за новиот претквалификациски циклус за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2025 година, предводена од новиот селектор Александар Јончевски. Македонија во Маврово ќе се подготвува седум дена, а потоа ќе продолжи со тренинзи во Скопје, до претстојниот прв предизвик во групата Д, во претквалификациите и дуелот со репрезентацијата на Данска, на гости.
– Се надевам дека ќе ги поминеме овие претквалификации. Данска и Норвешка можеби не звучат атрактивно, но не може да се потценат, затоа што денес сите играат кошарка. Словачка ни е добро позната, во неколку наврати имаме играно и остварено позитивен резултат со нив, а се надевам дека така и ќе продолжиме. Одиме чекор по чекор, се надевам на позитивен исход. Имаме еден контролен меч со Црна Гора, кој ќе биде најава за двата претквалификациски дуела – вели репрезентативецот Бојан Крстевски за интернет-страницата на Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ).
Македонија е во групата Д, а со гостувањето во данскиот град Нествед на 25 август ќе го почне учеството во претквалификациите за пласман во квалификациите за ЕП 2025, а три дена подоцна во Скопје ќе ја пречека Словачка. Само првопласираната селекција ќе игра во квалификациите за ЕП 2025, а другите селекции ќе имаат уште еден претквалификациски циклус.
– Нормално, пласман на едно ЕП по пауза од десет години би бил успех за оваа репрезентација. Можеби групата звучи неатрактивнa, со Норвешка, Данска и со Словачка, но ни влева голема надеж дека ќе го освоиме првото место, кое единствено води во следната рунда. Ќе работиме една недела во Маврово, доволно да се поминат базичните подготовки. Нема да бидеме комплетни. Ни следува еден натпревар со Црна Гора. На овој дуел се надевам дека ќе видиме работи што ќе може да ги искористиме на мечевите со Данска и со Словачка, и тоа во комплетен состав – вели Јончевски, пренесе КФМ. Г.И.