Комплетирани се составите за олстар-натпреварот

КОШАРКА – НБА

Една недела по објавувањето на првите петорки на Истокот и на Западот, НБА-лигата ги објави и имињата на 14 резервни кошаркари за претстојниот олстар-натпревар во Индијанаполис, на 18 февруари.

Така, во тимот на Источната конференција има тројца дебитанти на овој спектакл, Паоло Банкеро (Орландо), Тајрис Макси (Филаделфија) и Џејлен Бренсон (Њујорк). За Истокот ќе настапат уште и Џејлен Браун (Бостон), Донован Мичел (Кливленд), Бем Адебајо (Мајами) и Џулиус Рендл (Њујорк). За стартери, пак, се избрани Јанис Адентокумпо, Џејсон Тејтум, Џоел Ембид, Тајрис Халибартон и Демијан Лилард.

На првата петорка на Западот, Леброн Џејмс, Кевин Дурант, Шеј Гилџес-Александер, Никола Јокиќ и Лука Дончиќ, ѝ се придружија и Ентони Едвардс (Минесота), Карл-Ентони Таунс (Минесота), Кави Ленард (ЛА клиперс), Ентони Дејвис (ЛА лејкерс), Девин Букер (Феникс), Стеф Кари (Голден стејт) и Пол Џорџ (ЛА клиперс). Г.И.