ЛА лејкерс славеше со 131-122 и се пласира во втората рунда на плејофот во НБА-лигата, по мечот во кој Џејмс имаше 36 поени и по 10 скока и асистенции, а Дејвис 43 поени, девет скока и четири асистенции

Леброн Џејмс и Ентони Дејвис одиграа речиси беспрекорен натпревар за Лос Анџелес лејкерс во четвртата победа против ривалот Портланд во кошаркарскиот плејоф на НБА-лигата. „Езерџиите“ славеа со 131-122 и со вкупен резултат од 4-1 во победи се пласираа во втората рунда на доигрувањето за титулата.
Лејкерси победата ја остварија благодарејќи на извонредниот тандем Џејмс – Дејвис. Првиот мечот го заврши со т.н. трипл-дабл (двоцифрен ефект во три статистички категории), односно со 36 поени и по 10 скока и асистенции, а Дејвис уфрли 43 коша и имаше девет скока и четири асистенции. Кај Портланд најзабележителен беше Си Џеј Мекалум со 36 поени и седум асистенции, а Кармело Ентони додаде 27 коша.

Лос Анџелес лејкерс во втората рунда од плејофот ќе игра со подобриот од дуелот Хјустон – Оклахома, во кој Хјустон води со 3-2 во серијата, по убедливата победа со 114-80.
Претходно пласман понатаму обезбеди и Милвоки, кој во петтиот натпревар го победи Орландо со 118-104. Следен ривал на Милвоки ќе биде Мајами.