Имам доста голема енергија и желба да направиме добра работа заедно, рече Бајиќ, кој има четиригодишен договор

Српскиот тренер Драган Бајиќ е новиот селектор на кошаркарската репрезентација на Македонија, откако вчера беше промовиран од Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ). Тренерот на Игокеа (БиХ), која игра во Јадранската лига, е 15-ти селектор на машката сениорска репрезентација. Тој доаѓа на местото на досегашниот селектор Александар Тодоров.
– За секој тренер е чест да се биде селектор на една репрезентација, а јас ја имам честа да станам селектор на Македонија. Имам доста голема енергија и желба да направиме добра работа заедно. Рано е да се зборува за детали, но сите играчи ќе добијат шанса да играат и ќе се обидеме од секого да го извлечеме најдоброто и да бидеме најдобри што можеме. Како тренер барам да бидеме како семејство и да дишеме како еден, бидејќи само тоа е патот кон успехот – изјави, меѓу другото, Бајиќ, пренесе КФМ на својата интернет-страница.

Досега македонската репрезентација ја водеа 14 тренери, од кои Јорданчо Давитков и Марин Докузовски во два наврата. По еднаш на кошаркарското кормило беа Александар Књазев, Благоја Георгиевски, Стерија Андоновски, Лазар Лечиќ, Заре Марковски, Јовица Арсиќ, Марјан Лазовски, Алеш Пипан, Александар Џикиќ, Марјан Србиновски, Драган Раца и Тодоров.
Бајиќ има четиригодишен договор со КФМ и треба да ја води македонската селекција во следните два циклуса, во квалификациите за пласман на Светското првенство во 2023 година и во квалификациите за Европското првенство, во 2024 година.