На денешното изборно собрание на МКФ не е исклучена можноста во последен момент во трката да влезат и други кандидати, а меѓу нив и актуелниот прв човек на федерацијата Петар Наумоски
Македонската кошарка денеска ќе добие прв човек на федерацијата. Тоа ќе се случи на изборното собрание во Македонската кошаркарска федерација (МКФ), закажано за пладне во „Сквер 21“ во Скопје. Официјално пријавени кандидати до вчера беа само двајца, македонската кошаркарска легенда Перо Антиќ и спортскиот директор на МКФ, Владимир Темелковски. Секако, не е исклучена можноста во последен момент во трката да влезат и други кандидати, меѓу нив и актуелниот прв човек на федерацијата, Петар Наумоски, иако претходно најави дека ќе ја напушти оваа функција.
На седницата на УО на МКФ одржана на 19 април беше донесен и заклучок секој член на собранието на МКФ да може да поддржи со кандидатура повеќе кандидати за оваа функција, но при гласањето да има право да гласа само за еден.
Како што нѐ информираа од куќата ма македонската кошарка, пријавувањето кандидати со уредни документи и поддршка ќе биде можно до пред самиот почеток на Собранието, што значи сите опции се во игра.
Како што е познато, актуелниот претседател Петар Наумовски на оваа функција е од 2015 година, а настојувањата двапати да биде сменет завршија без успех, односно членовите на Собранието му ја дадоа довербата тој и понатаму да раководи со МКФ.
На утрешното собрание на МКФ се очекува МКФ да биде преименувана во ново име, односно во Кошаркарска федерација на Северна Македонија (КФСМ). Тоа значи избраниот претседател ќе биде и прв што ќе ја води федерацијата под новото име.