Според ревидираниот буџет, вкупните приходи на ФИФА за годинава ќе бидат 250 милиони, или 48,3 отсто помалку од планираните 484 милиони долари

Одложувањето на неколку натпреварувања годинава поради пандемијата на коронавирусот автоматски ќе значи намалување на приходите на Светската фудбалска федерација (ФИФА) за речиси половина од првичните предвидувања, објави ФИФА. Според ревидираниот буџет, вкупните приходи на ФИФА за годинава ќе бидат 250 милиони, или 48,3 отсто помалку од планираните 484 милиони долари.
Машките и женските олимписки турнири во Токио, светските првенства (СП) за жени до 17 и до 20 години во Индија и во Костарика/Панама и СП во футсал во Литванија, се меѓу главните натпреварувања што годинава се одложени.

Очекуваните приходи и расходи поврзани со овие турнири се одолжија за 2021 година, со тоа и финансиското влијание врз ФИФА, но подобро тогаш, со задоцнување, отколку загубите да бидат трајни, велат од ФИФА. Во ваква неизвесна состојба, која ќе потрае уште некое време, се чини дека надоместоците за лиценцните права од 112 милиони долари би можеле да бидат најголемите приходи на ФИФА годинава.

Во претходниот финансиски циклус 2015-2018, ФИФА забележа зголемени приходи од лиценцните права, што беше од суштинско значење по негативното влијанието што врз нејзиниот бизнис го имаше претходната раководна гарнитура. Само во 2018 година беа инкасирани 185 милиони долари од лиценцните права, 206 отсто повеќе од планираното, благодарение на финалниот турнир на СП 2018 во Русија.