ФУДБАЛ
Според двојките, Европа на СП 2026 сигурно ќе има две селекции во полуфиналето
Во четврт-финалето на едно фудбалско светско првенство (СП) десетти пат ќе играат репрезентации од три континента, а годинава тоа се шест од Европа и по една од Африка и од Јужна Америка. Според двојките, Европа сигурно ќе има две селекции во полуфиналето, откако меѓу себе во четврт-финалето ќе се сретнат репрезентации од Стариот Континент.
По вчерашниот прв слободен ден на Мундијалот, разврската на патот кон трофејот почнува вечерва, со натпреварот Франција – Мароко (од 22 часот), Двете селекции на минатото СП, во 2022 година, играа меѓу себе во полуфиналето.
Другите три четвртфинални дуели на СП 2026 се во следните денови, и тоа Шпанија – Белгија (петок, 21 часот), Норвешка – Англија (сабота, 23 часот) и Аргентина – Швајцарија (недела, 3 часот).
Шпанија и Белгија меѓу себе играа и на СП 1986 (во четврт-финалето) и на СП 1990 (во групната фаза). Првпат меѓу себе на светско првенство ќе се сретнат Норвешка и Англија, а Аргентина и Швајцарија меѓусебни мечеви играа во групната фаза на СП 1966 и во осминафиналето на СП 2014.
Првиот финалист на годинашниот фудбалски Мундијал ќе биде една од овие четири репрезентации, Франција, Мароко, Шпанија или Белгија, а вториот Норвешка, Англија, Аргентина или Швајцарија.
Досега на 19 фудбалски мундијали се играни четвртфинални мечеви, а според бројот на претставени континенти рекордно останува Светското првенство во 2002 година, кога меѓу осумте најдобри имаше репрезентации од пет континента, и тоа шест од Европа и по една од Јужна Америка, Северна Америка, Африка и од Азија.
На претходното планетарно фудбалско првенство, во 2022 година, меѓу осумте најдобри настапија пет репрезентации од Европа, две од Јужна Америка и една од Африка, а и тогаш во четврт-финалето играа Франција, Мароко, Англија и Аргентина.
Од годинашните четвртфиналисти, четири години претходно во таа фаза на СП играа Франција, Англија и Белгија. За Франција годинашното четврт-финале на СП е четврто во низа. Н.М.


































