Фото: Маја Јаневска-Илиева

Модриќ стана најстариот играч што постигнал гол за Реал Мадрид во најсилното европско клупско натпреварување по Пушкаш, во 1965 година, и осмиот фудбалер што одигра 100 меча во ЛШ за Реал. Голгетерски печати во ЛШ оставија и Левандовски (прв со хет-трик за три тима), Холанд (со најмалку мечеви до 25 гола) и Мбапе (најмлад играч со 35 гола)

ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ

Се одиграа интересни, квалитетни, возбудливи и ефикасни натпревари во првото коло по групи во фудбалската Лига на шампионите (ЛШ). На 16-те натпревари беа постигнати 49 гола, повеќе од три по натпревар, што е солидна бројка и најава за уште поголема ефикасност на следните натпревари.
Бранителот на титулата Реал Мадрид на најдобар начин, со убедлива победа над Селтик, на гости, со 3-0, ја почна сезоната. Играч на натпреварот беше Хрватот Лука Модриќ, кој денеска полни 37 години и кој стана најстариот играч што постигнал гол за Реал Мадрид во најсилното европско клупско натпреварување (ЛШ или поранешниот Куп на европските шампиони), по Ференц Пушкаш во септември 1965 година (на 38 години и 173 дена). Модриќ го одигра 100-от меч во ЛШ за Реал, станувајќи осмиот играч што стигнал до оваа бројка во клубот, приклучувајќи им се на Икер Касилјас, Раул, Серхио Рамос, Карим Бензема, Роберто Карлос, Марсело и на Кристијано Роналдо.
Во претходните 28 години само еден бранител на титулата бил поразен во првиот натпревар во следната сезона (17 победи и 10 ремија). Тоа му се случи на Ливерпул во сезоната 2019/2020, кога загуби од Наполи, со 0-2. Од почетокот на минатата сезона, Реал Мадрид има максимален ефект на гости во групната фаза (4/4) со 12 постигнати и ниту еден примен гол.
Наполи, за кој настапи македонскиот репрезентативец Елиф Елмас, одигра извонредно, особено во првото полувреме, го изненади и го декласира европскиот вицешампион Ливерпул, со 4-1, дома. Наполитанците се првиот тим што постигнува четири гола на меч со Ливерпул во групната фаза.
Баерн ја забележа 19-та последователна победа на прв меч во ЛШ во една сезона, на дуелот со Интер, на гости, со 2-0, а на средбата Атлетико – Порто (2-1) вторпат во историјата на ЛШ три гола беа постигнати во 90-та минута и подоцна. Првпат такво нешто се случи лани во декември, исто така, на натпреварот Порто – Атлетико (1-3).
Од првото коло, за издвојување е и победата на Динамо Загреб, за кој настапија македонските репрезентативци Аријан Адеми и Стефан Ристовски, кој за малку не постигна гол, над Челси (1-0). Тоа беше и една од причините за отказот што го доби менаџерот на тимот од Лондон, Томас Тухел. Мислав Оршиќ го постигна единствениот гол за Динамо, петти на седумте меча против англиски тимови, вкупно 18-ти на европските натпревари.
Напаѓачите оставија свој белег во првата рунда. Така, летното засилување на Барселона, од Баерн, Роберт Левандовски постигна три гола (хет-трик) против Плзен (5-1), негов шести. Три од претходните пет хет-трика во ЛШ (од групна фаза до финале) постигна Левандовски, кој е првиот што постигнал хет-трик за три различни тима во ЛШ, Борусија Дортмунд, Баерн и Барселона. На минатите 20 натпревари од групната фаза тој постигна 32 гола.
Импресивни беа и Ерлинг Холанд од Манчестер сити и Килијан Мбапе од Пари сен Жермен, кои постигнаа по два гола на дуелите со Севилја (4-0), односно со Јувентус (2-1). Холанд на осумте меча сезонава за Сити постигна 12 гола, односно 25 на 20 меча во ЛШ, со што го надмина рекордот на Руд ван Нистелрој, кому за такво нешто му требаа 30 натпревари. Норвежанецот е четвртиот играч што постигнал гол на деби-меч во ЛШ за најмалку три различни клуба, по Фернандо Мориентес (четири клуба), Хавиер Савиола и Златан Ибрахимовиќ (по три). Мбапе постигна два гола во воведните 22 минути против Јувентус (2-1) и на возраст од 23 години и 260 дена стана најмладиот играч што постигнал 35 гола во ЛШ, надминувајќи го Лионел Меси за 47 дена. Рекордерот според голови во ЛШ, Кристијано Роналдо, имаше 27 години и 59 дена кога го постигна 35-от гол. Л.Д.