Во моментов, Унион СГ води во Белгија, Брест е втор во Франција и Џирона е трета во Шпанија и се на места што обезбедуваат пласман во ЛШ, во кое првпат би играле, а во игра е и Болоња (четврта во Италија), која би се вратила во најсилното европско клупско натпреварување по 60 години

Џирона од Шпанија, Унион СГ од Белгија и Брест од Франција би биле дебитанти, а Болоња би се вратила во најсилното европско клупско фудбалско натпреварување по пауза од шест децении, според актуелните пласмани на табелите во домашните првенства од кои има можност за директен пласман во Лигата на шампионите (ЛШ). Во моментов Унион СГ е прв во шампионатот на Белгија, Брест е втор во Франција, Џирона е трета во Шпанија, а Болоња е четврта во Италија.
Според пласманот на табелите на десетина кола пред крајот на домашните првенства директен пласман во Лигата на шампионите би имале по четири тима од Англија (Арсенал, Ливерпул, Манчестер сити и Тотенхем), Шпанија (Реал Мадрид, Барселона, Џирона и Атлетико Мадрид), Германија (Баер, Баерн, Штутгарт и Лајпциг) и од Италија (Интер, Милан, Јувентус и Болоња), три би имало од Франција (Пари сен Жермен, Брест и Монако), два од Холандија (ПСВ Ајндховен и Феенорд) и по еден од Португалија (Спортинг), Белгија (Унион СГ), Шкотска (Селтик) и од Австрија (Салцбург), пишува Европската фудбалска унија (УЕФА).

ЏИРОНА И БРЕСТ ДОСЕГА НЕ ИГРАЛЕ ВО ЕВРОПА

Џирона досега нема настап во некој европски куп, а во првенството на Шпанија има девет бода повеќе од петтопласираниот Атлетик, на осум кола до крајот на сезоната. Дебитант во Европа може да биде и Брест, кој е втор во Франција, со четири бода повеќе од четвртопласираниот Лил.
Унион СГ води во Белгија со подобра гол-разлика од Андерлехт (двата тима се израмнети со бодовите). Унион СГ во сезоната 2022/2023 првпат заигра во Европа по пауза од 57 години, откако настапи во квалификациите за ЛШ, по кои се префрли во Лига Европа и стигна до четврт-финалето (претходно до 1965 играше во тогашниот Куп на саемски градови), а сезонава учествуваше во Лига Европа, па потоа се префрли во Конференциската лига, каде што се пласира во осминафиналето.
Болоња настапи во првата рунда од некогашниот Куп на шампионите (сега Лига на шампионите) во сезоната 1964/65, кога играше со Андерлехт, кој се пласира понатаму по потфрлањето паричка, откако по два меча вкупниот резултат беше 2-2, а мајсторката заврши со реми, 0-0. Од тогаш Болоња играше во другите европски купови, а во Европа не се пласирала од 2002 година.

УЕФА ОДРЕДИ И ДОПОЛНИТЕЛНИ МЕСТА ВО ЛШ

Според актуелните табели, како дополнение, според т.н. Европски места за настап (дополнителен тим од првенствата на двете земји чии клубови сезонава ќе имаат најдобар збирен учинок во сите три европски купа) во Лигата на шампионите би се пласирале петтопласираните од Италија (во моментов тоа е Рома) и од Германија (петта сега е Борусија Дортмунд).
УЕФА доделува и по едно место според т.н. ребаланс, во зависност од тоа кој ќе победи во Лигата на шампионите (во моментов тоа би бил Шахтер од Украина) и во Лига Европа (тоа сега е Бенфика од Португалија). Ребалансирање е потребно ако некој од победниците на тие два купа се пласира автоматски и преку домашната лига. Така, ако победникот во ЛШ веќе се пласирал за идната сезонана на ЛШ, клубот со најдобар индивидуален клупски коефициент од сите оние што се пласирале за шампионската патека на квалификациите (домашните шампиони на земјите од 11-то до 55-то место на листата на УЕФА) директно ќе влезе во ЛШ. Ако, пак, тимот што ќе ја освои Лига Европа директно се пласира во ЛШ преку нивната домашна лига, тогаш клубот со најдобар индивидуален коефициент од сите тимови во квалификациите за Лигата на шампионите (пат на шампионите и лигашки пат заедно) оди директно до ЛШ, пишува УЕФА. Сепак, тука не е дозволено прескокнување, што значи дека тим од лигашкиот квалификациски пат може да влезе во ЛШ само ако шампионот од таа земја веќе се пласирал во ЛШ, а ако тоа не е случај, автоматското место во ЛШ оди за клубот со следниот најдобар коефициент во домашна лига од која шампионот веќе се пласирал во ЛШ, објаснува УЕФА.
Во новата сезона на ЛШ првпат ќе играат 36 тима (досега по 32) во една лига. Директен пласман ќе има за 29 екипи, а преостанатите седум учесници ќе се добијат преку квалификациите (пет од квалификациската патека на шампионите и два од квалификациската патека на нешампионите). Н.М.