ФУДБАЛ

Мане заслужува нов предизвик во Баерн, ново опкружување и повеќе пари, а Ливерпул продолжува со процесот на подобрување на тимот без премногу сентименталност. Ливерпул е добро раководен на сите нивоа, што објаснува зошто обемот и ефикасноста на нивните освежувања, како и заминувањето на играч од калибарот на Мане, се сметаат и се прифаќаат само како уште една клупска приказна, а не како сага

Ливерпул потпиша шестгодишен договор со фудбалерот од Уругвај Дарвин Нуњез, за кого на Бенфика треба да плати за клубот рекордни 85 милиони фунти (100 милино евра). Во меѓувреме, ја договори продажбата на Сенегалецот Садио Мане во Баерн за 35 милиони фунти (40 милиони евра). Ваквите потези се дел од еволуцијата на тимот што го предводи Јирген Клоп и се дел од паметната клупска методологија и стратегија, пишува „Скај спорт“.

Еволуцијата е во корист на играчот и на Ливерпул. Мане беше првиот трансформатор во ерата на Клоп и успесите на клубот во изминатите шест години во голема мера се должат на неговиот придонес. Мане заслужува нов предизвик, ново опкружување и повеќе пари, а Ливерпул продолжува со процесот на подобрување на тимот без премногу сентименталност. Во 2018 година, кога клубот ѝ даде приоритет на политиката на задржување и ги продолжи договорите со Роберто Фирмино, Момахед Салах и со Мане, постоеја неколку сценарија. Најдоброто беше максимизирање на најдобрите години на триото додека тимот заедно се развиваше и освојуваше трофеи, пред да се случат неизбежните промени. Тогаш постоеше верување дека врвните фудбалски „предатори“ на пазарот би биле подготвени да платат огромни суми за еден играч од триото. Доколку пандемијата на коронавирусот не му направеше проблеми на пазарот, тоа најверојатно и ќе се случеше. Голем трансфер ќе ја финансираше следната фаза од растот на Ливерпул, слично како што тоа се случи со трансферот на Филипе Кутињо во Барселона. „Црвените“ веруваа дека Барса ќе сака да го ангажира Фирмино и затоа вметнаа клаузула во договорот со Кутињо со која Каталонците ќе требаше да платат 100 милиони евра доколку посакаа да купат друг играч од „Енфилд“ пред 2020 година. Друго сценарио за кое се размислуваше во клубот беше дека најистакнатите играчи ќе освојат доволно титули и ќе дадат сѐ од себе во клубот, по што природно ќе бараат нови предизвици. Како и да е, во Ливерпул беа сигурни во едно, а тоа е дека ќе треба да го создадат „следниот голем тим“ додека уште се конкурентни.

Поранешниот спортски директор Мајкл Едвардс првпат го спомна тоа по победата во Лигата на шампионите во 2019 година. Промените во нападот се сметаа за најтешка задача. Фирмино, Салах и Мане беа движечката машина на Ливерпул, пред т.н. „гегенпресинг“ (стил на игра со висок пресинг) да се приспособи во попретпазлива игра, заснована врз поголем посед на топката. Тие добро функционираа заедно, се дополнуваа и ефективно го реализираа планот на Клоп. Емотивната врска на триото со тимот, помеѓу персоналот и со навивачите ги зголеми тешкотиите за подмладувањето на тимот. Сепак, во период од 20 месеци, Ливерпул ги ангажира Диого Жота, Луис Дијаз и Дарвин Нуњез во нападот. Тоа беше постигнато без многу врева и за 142 милиони фунти (околу 165 милиони евра). Жота и Дијаз веќе се покажаа како неверојатни играчи, а Нуњез е решен да го продолжи тој тренд.

Ливерпул е добро раководен на сите нивоа, што објаснува зошто обемот и ефикасноста на нивните освежувања, како и заминувањето на играч од калибарот на Мане, се сметаат и се прифаќаат само како уште една клупска приказна, а не како сага.