Фото: Игор Бансколиев

Македонија и Грузија в четврток четврти пат ќе играат меѓу себе, одново во Лигата на нациите. Во групната фаза на вториот циклус, двата меча завршија со реми, 1-1, а потоа, во финалето на плејофот на првата сезона, кое беше и квалификациско за пласман на ЕП 2020, Македонија ја победи Грузија со 1-0 на гости

Македонската фудбалска репрезентација по победата на гости кај Гибралтар и освоените четири бода по две кола, сега се подготвува за дербито за врвот на табелата, мечот дома со Грузија, в четврток, во Лигата на нациите (ЛН), лига Ц, група 4. Црвено-жолтите рутински славеа на второто гостување кај Гибралтар со истиот резултат како и во претходниот меч, 2-0, овој пат со головите на Енис Барди и на Бобан Николов. По две кола, на табелата води Грузија со шест бода, Македонија е втора со четири, Бугарија е трета со еден, а четврти е Гибралтар без бодови.
Македонија и Грузија четврти пат ќе играат меѓу себе. Сите досегашни мечеви и следните два се во рамките на Лигата на нациите. Во групната фаза на вториот циклус на ЛН двата меча завршија со реми, 1-1. Потоа, во финалето на плејофот на првата сезона на тоа натпреварување, кое беше и квалификациско за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2020 година, Македонија ја победи Грузија со 1-0 на гости и потоа дебитира на ЕП 2020, кое се играше лани.
Селекторот Благоја Милевски на натпреварот со Гибралтар одмори неколку фудбалери, а деби за Македонија имаа Дејан Илиев и Никола Серафимов, со што сега вкупно 276 фудбалери настапиле во црвено-жолтиот дрес. Барди го постигна 10-от гол и стана осмиот фудбалер со двоцифрен број погодоци за македонската репрезентација.
Првото место во групата на Лигата на нациите носи пласман еден ранг погоре, во лигата Б, за следното издание на тоа натпреварување, како и место во плејофот за пласман на Европското првенство во 2024 година во Германија, во кој право на настап имаат сите победници на групите, во лигите А, Б и Ц. Во јунскиот дел од мечевите, Македонија треба да игра уште и со Гибралтар дома, на 12 јуни.


ЛИГА Ц, ГРУПА 4

Гибралтар – Македонија 0-2
Бугарија – Грузија 2-5

ТАБЕЛА
Грузија 2 2 0 0 9-2 6
Македонија 2 1 1 0 3-1 4
Бугарија 2 0 1 1 3-6 1
Гибралтар 2 0 0 2 0-6 0
Идно коло (четврток, 20.45 часот): Македонија – Грузија, Гибралтар – Бугарија.