ФУДБАЛ – ФИНАЛЕ НА ЛИГАТА НА НАЦИИ

Хрватска и Шпанија ќе играат утре (20.45 часот) во Ротердам за трофејот во третото издание на фудбалската Лига на нации, по победите во полуфиналињата, над домаќинот на турнирот Холандија со 4-2 (по продолженијата), односно над Италија со 2-1. За третото место утре ќе играат Холандија и Италија во Енсхеде (од 15 часот).

За Хрватска тоа е прво финале во ова натпреварување, а вкупно второ, по финалето на Светското првенство во 2018 година. Шпанија ќе игра во осмото финале, за петтиот трофеј, по победите на европските првенства во 1964, 2008 и во 2012 година (финалист и во 1984 година) и на Мундијалот во 2010 година. Шпанија играше во финалето и на минатото издание на Лигата на нации, во 2021 година, кога загуби од Франција, како и на сега веќе непостојниот Куп на конфедерациите, во 2013 година.
Победник на првото издание на Лигата на нации беше Португалија, во 2019 година.