Фото: Пиксабеј

Екстремната топлина и неколкунеделната суша предизвикаа штета од најмалку 36 милијарди евра кај германската економија ова лето, проценува „Гринпис“, што претставува од 0,8 до 0,9 проценти од вкупната економска активност на земјата. Процената вклучува економски загуби поради пропаднати земјоделски култури, пожари и трошоци за здравство, како и загуби на продуктивност и трошоци за образование предизвикани од високите температури.
– Ова лето, обележано со топлина и суша, беше катастрофално за милиони луѓе и за економијата – рече финансискиот експерт на „Гринпис“, Маурисио Варгас.
Националниот рекорд за температура беше соборен три дена по ред во јуни, а највисоката температура од 41,7 Целзиусов степен беше измерена во сојузната покраина Бранденбург на истокот од земјата. „Гринпис“ проценува дека десетици милиони работни часови се изгубени поради топлината, додека се очекува долгиот сушен период значително да ги намали приносите во некои делови од земјата. Внатрешната речна пловидба мораше да биде прекината во одредени делови поради екстремно ниските нивоа на водата на големите реки како што е Рајна. Индустриите што зависат од големи количества суровини и полупроизводи, меѓу кои и хемиската, челичната и нафтената индустрија, се особено погодени. „Гринпис“ нагласи дека ова е процена заснована на нецелосни податоци, но верува дека сепак е важно да се пресмета обемот на економската штета предизвикана од високите температури. Најголемата единствена ставка на штета се однесува на губењето на продуктивноста. Според процените, околу 25 дена екстремна топлина предизвикаа загуби од 10,8 милијарди евра поради пониската продуктивност и поголемиот број отсуства од работа. Земјоделството, внатрешната пловидба и образованието исто така беа значително погодени.