Изложбата „Француски траги – Лична историја на гледањето“ во Францускиот институт
Во Францускиот институт во Скопје, денеска, од 17 часот се отвора изложбата „Француски траги – Лична историја на гледањето“ на уметникот Ѓорѓе Јовановиќ. Изложбата ќе биде поставена во излогот на Францускиот институт во Скопје. Модератор на разговорот ќе биде Владимир Јанчевски, куратор во МСУ–Скопје.
„Француски траги – Лична историја на гледањето“ претставува лична мапа на сеќавања, влијанија и творечки референци на Ѓорѓе Јовановиќ. Изложбата не се обидува да понуди преглед на француската уметност, ниту да ги реконструира или да ги репродуцира делата на авторите што се појавуваат во неа.
– Оваа изложба ја замислив како своевидна лична мапа на сеќавања, влијанија и
благодарност. Поставена во излогот на Францускиот институт во Скопје, таа не е обид за преглед на француската уметност, ниту за реконструкција или за репродукција на делата на авторите што се појавуваат во неа. Сакав, пред сè, да покажам дел од личните траги што неколку француски уметници, поети, музичари, филмски режисери и мислители ги оставиле врз мене и врз начинот на кој го гледам и разбирам светот. Делата ги групирав во неколку композициски целини, како фрагменти од една голема нецелосна слика. Тие не се поврзани според строга тематска или историска логика, туку повеќе преку асоцијации, сеќавања и чувства. На некој начин, изложбата е еден вид личен визуелен архив – избор од автори чии дела во различни периоди ми биле важни, а чии идеи и денес продолжуваат да одекнуваат во моето творештво – вели уметникот.
Уметникот ја доживува оваа изложба и како еден вид автопортрет – не портрет на неговиот лик, туку портрет на неговите погледи, сеќавања и творечки сојузништва.
– Авторите што ги избрав не се само предмет на омаж. Тие се присуства што, во различни периоди, ми помогнале да го пронајдам сопствениот начин на гледање и да разберам дека уметноста може да биде простор во кој повторно и повторно го измислуваме светот. Можеби токму затоа овие дела не зборуваат толку за минатото, колку што покажуваат дека вистинските влијанија никогаш целосно не исчезнуваат. Тие продолжуваат да живеат во нас, да се менуваат со нас и повторно да се појавуваат, понекогаш неочекувано, во нови слики, нови гестови и во нови приказни. Она што некогаш сум го открил во книга, филмска сцена, музичка композиција или во фотографија, денес може да се врати како моја слика. Во тој круг меѓу сеќавањето и создавањето, туѓото влијание постепено станува дел од сопствениот јазик – вели Јовановиќ.
Ден по отворањето на изложбата, 10 септември, Францускиот институт организира целодневна програма посветена на новата културна сезона и на почетокот на новата училишна година, во рамките на Денот на отворени врати, нудејќи разновидна програма за различни возрасти и активности посветени на францускиот јазик и културата. Посетителите ќе имаат можност да се запознаат со активностите на Францускиот институт, да се сретнат со уметници и партнери и да дознаат повеќе за можностите за учење француски јазик и за престој во Франција. В.Д.
































