Фото: Маја Јаневска-Илиева

Многу е веројатно да биде побарано од Јенс Столтенберг да остане на функцијата генерален секретар на НАТО уште една година, јавува „Ројтерс“, повикувајќи се на неименувани извори. Ова наводно е резултат на неможноста на членките на воената алијанса да се договорат за неговиот наследник, пред самитот во средината на јули во Литванија.

Норвежанецот кој помина девет години на функцијата и треба да се повлече на крајот на септември, има широка поддршка во Алијансата и продолжува да биде ефективен лидер, изјави анонимен извор за „Ројтерс“.

– Администрацијата на Бајден размислува Столтенберг да остане уште една година. Се чини дека во моментов не постои консензус во алијансата за негова замена – рече анонимен американски функционер, за агенцијата.

Изгледите од Столтенберг да биде побарано да го продолжи својот мандат по четврти пат се зголемија како што се приближува самитот во Вилнус, а сојузниците стравуваат од прикажување на неединство додека НАТО продолжува да реагира на војната во Украина.

Кој и да биде во улогата на прв човек на НАТО, ќе се соочи со двојниот предизвик да ги задржи сојузниците заедно за поддршка на Украина, додека внимава каква било ескалација да не вовлече НАТО директно во војна со Русија. Британскиот министер за одбрана Бен Валас минатата недела изјави дека го посакува местото генерален секретар на НАТО.

Некои влади, пак, се залагаат за прва жена генерален секретар на НАТО, а како сериозен кандидат се појавува данската премиерка Мете Фредериксен. Фредериксен се состана со американскиот претседател Џо Бајден во Вашингтон претходно овој месец, пред Столтенберг да ја посети Белата куќа оваа недела.

Американските власти веруваат дека има голем број различни кандидати и дека Бајден има високо мислење за сите нив, вклучително и за данската премиерка, рече изворот. Бајден верува дека Столтенберг направил огромна работа во време на предизвик, став што го делат многу други сојузници, додаде изворот.