Тројна круна (првенство, куп и европска титула) сезонава може да освојат Манчестер сити, Пари сен Жермен, Порто и Атлетико Мадрид, а во трка за три или повеќе пехари (Лига Европа и домашни натпреварувања, како првенство, куп и лига-куп) се, на пример, Баер, Ливерпул, Глазгов ренџерс…

ФУДБАЛ

Манчестер сити, со пласманот во четврт-финалето на англискиот фудбалски ФА-куп, остана во трката по тројна круна сезонава, заедно со Пари сен Жермен, Порто и со Атлетико Мадрид. Досега во Европа тројна круна (две врвни домашни натпреварувања, првенство и куп и врвната европска титула) освоија осум клуба, Барселона, Баерн, Манчестер сити, Селтик, Ајакс, ПСВ Ајндховен, Манчестер јунајтед и Интер.
Прв на оваа листа се запиша Селтик, во сезоната 196619/67 година, Барселона и Баерн единствени двапати освоија по три титули во една сезона (Барселона во 2008/2009 и во 2014/2015, а Баерн во 2012/2013 и во 2019/2020), а Манчестер сити има шанса да стане првиот со тројни круни во две сезони во низа, откако лани ги освои трофеите во Лигата на шампионите, Премиер-лигата и во ФА-купот.
Манчестер сити сезонава е во осминафиналето на Лигата на шампионите и е во трка за титулата во англиската Премиер-лига. Од осминафиналистите во Лигата на шампионите, Пари сен Жермен води во првенството на Франција и е четвртфиналист во Купот на Франција, Порто е второпласиран во првенството на Португалија и денеска игра во четврт-финалето на купот на таа земја, а Атлетико Мадрид денеска ќе настапи во реваншот од полуфиналето на Купот на Шпанија и е четвртопласиран во Ла лига.
Од другите пет најсилни европски домашни фудбалски првенства (Англија, Шпанија, Франција, Германија и Италија), во Германија, на пример, Баер е во трка за три трофеи сезонава (води на табелата во Бундеслигата, ќе игра во полуфиналето на Купот на Германија и во осминафиналето на Лига Европа), а за четири пехара игра англиски Ливерпул (го освои Лига-купот, првопласиран е во Премиер-лигата, синоќа играше во осминафиналето на ФА-купот, а идната недела треба да настапи во осминафиналето на Лига Европа). Од земјите во кои се игра и лига-куп, четири трофеја, на пример, може да освои и Глазгов ренџерс од Шкотска, кој победи во Лига-купот, води во Премиер-лигата, четвртфиналист е во Купот на таа земја и е во осминафиналето на Лига Европа итн. Н.М.