Фото: „Нова Македонија“

Она што во последниот период се случува во земјава со замената на личните документи на македонските граѓани поради обврските преземени со Преспанската спогодба најдобро говори кои се последиците кога се склучува договор што не се потпира на принципот бона фиде, односно кога се склучува без добра намера. Кога договорите се склучуваат со добра намера, тогаш никогаш нема едната страна да се поставува во позиција на целосна доминација, да кажува кога ќе дозволи втората страна да разговара со неа на исто ниво

Атина пред целата меѓународна јавност дрско ги истакнува својата целосна доминација во Договорот од Нивици и игнорирањето на меѓународното право

Почитувањето на меѓународните договори е еднаква обврска за сите оние што ги потпишуваат таквите договори, а непочитувањето на одредбите од договорот од една страна, не ја обврзува ниту втората страна доследно да се придржува до договореното. Тоа е воспоставена меѓународна пракса на која инсистираат експертите по меѓународно право, кои јасно потенцираат дека ако една страна потписничка не го почитува договорот, тој де факто станува необврзувачки и за втората страна.
Она што се случува последниот период во земјава со замената на личните документи на македонските граѓани поради обврските преземени со Преспанската спогодба најдобро говори кои се последиците кога се склучува договор што не се потпира врз принципот бона фиде, односно кога се склучува без добра намера. Ако намерата беше добра, тогаш веројатно и Грција ќе имаше повеќе разбирање за неможноста да се испочитува во целост зададениот временски рок до 12 февруари, имајќи предвид дека многу процеси во Европа и во светот запреа најмалку на две години за време на пандемијата.

Договорните обврски важат еднакво за сите потписници

Кога договорите се склучуваат со добра намера, тогаш никогаш нема едната страна да се поставува во позиција на целосна доминација, да кажува кога ќе дозволи втората страна да разговара со неа на исто ниво.
– Придржувањето кон Договорот од Преспа ќе треба да биде строго и целосно за да можеме да разговараме на исто ниво – истакна неодамна министерот за надворешни работи на Грција, Јоргос Герапетритис, од грчкиот парламент, одговарајќи на пратенички прашања.
Според него, за да има каков било напредок во односите меѓу Грција и Македонија, земјава мора целосно да ги исполни обврските од Преспанската спогодба, но не и грчката страна.
– Грција очигледно е за формална имплементација на Договорот од Преспа и не може да биде поинаку. За да има напредок, мора да се исполнат условите предвидени во договорот. Усогласувањето на патните исправи е поврзано со рокот од пет години што го имаше С. Македонија – рече Герапетритис, притоа додавајќи дека „тоа не е направено, не поради грчката држава, туку затоа што имало бирократски или други проблеми во С. Македонија“.
Тој уште додаде дека без разлика дали некој се согласува или не со одредени поглавја од Договорот на Преспа, веќе се работи за законски текст што не може да се модифицира, алудирајќи на пораките што стигаат од земјава, за одредени законски измени за да се пролонгира рокот до крајот на годината за замена на документите.
Сепак, шефот на грчката дипломатија со ваквите изјави покажува висока доза дрскост, игнорирање на меѓународното право и дволичен однос бидејќи од една страна вели дека меѓународните договори мора доследно да се почитуваат, а од друга страна Грција не ги исполнува своите обврски од договорот со образложение дека чека Македонија прва целосно да го исполни договореното во Нивици.

Што не спроведе Грција од Преспанската спогодба?

Ако, како што вели грчкиот министер, придржувањето кон договорот треба да биде строго и целосно, тогаш Грција е таа што не се придржува до тоа правило. Имено, уште во првиот член од договорот, во точката 5 се наведува дека грчката страна ќе го употребува новото име, но и натаму во Грција на таблите стои испишано името „ФИРОМ“, а македонските граѓани и натаму во добар дел се ословуваат како „скопјани“, без оглед што во точката 7 од првиот член од договорот јасно стои дека на територијата на Грција привремената референца повеќе нема да се употребува. Според договорот, Грција треба да се придржува кон меѓународните правила и регулативи во однос на транзитот, знаците и кодовите, па досега требаше да ги промени патните табли.
Грција индиректно го прекршува и членот пет од договорот, во кој се наведува дека како страна потписничка таа „ќе се раководи од духот и начелата на демократијата, фундаменталните слободи, почитувањето на човековите права и достоинство и владеењето на правото, во согласност со Повелбата на Обединетите нации, Универзалната декларација за човекови права, Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи“. Со неможноста македонските граѓани навреме да дојдат до патни исправи и брзањето од грчка страна да се информираат другите земји дека документите со старото име „Република Македонија“ повеќе не важат, официјална Атина ги прекршува одредбите за фундаменталните граѓански права, пред сѐ правото на слободно движење.
Грција не ги исполнува ниту обврските од вториот дел од Договорот од Преспа, за што неодамна алармираше грчката пратеничка од редовите на СИРИЗА, Рена Дуру, која отворено го праша шефот на грчката дипломатија зошто и натаму не се ратификуваат трите меморандуми во грчкиот парламент.
– Предвидените меморандуми ќе дојдат за ратификација во парламентот во време што грчката држава ќе го оцени како соодветно и секогаш поврзано со правилното и добронамерно спроведување на одредбите од Договорот од Преспа – одговори Герапетритис.
Трите меморандуми веќе пет години се доставени до грчкиот парламент, а се однесуваат за забрзување на процесот на интеграција на Македонија во ЕУ, за формирање координативен комитет за економска соработка и техничка спогодба за надгледување на летовите. Во време на големи геостратегиски превирања и нестабилност, Грција го остава без надзор македонското небо, иако како сојузник во НАТО се обврза на такво нешто, за што треба да се ратификува меморандум што стои некаде во фиоките на грчкиот парламент.
Понатаму во членот 12 се наведува дека „страните се убедени дека развојот и јакнењето на непосредните контакти меѓу луѓето се од суштинско значење за развој на пријателството, соработката и добрососедството меѓу нивните народи“, но ниту ова не се почитува од грчка страна. Имено, граничниот премин Маркова Нога е целосно функционален од македонска страна, но од грчка страна тој и натаму не се става во функција и не се прави ништо за да се овозможи комуникација меѓу луѓето во пограничните области во Преспа. Токму ова е наведено во членот 14, точка 6, да се развиваат постојните и да се градат нови гранични премини.

Се кочат и нашата економија и инфраструктурното поврзување

Во економскиот дел, во членот 14 стои дека „Страните ќе се воздржат од наметнување на каква било пречка за движењето на луѓе и стоки меѓу нивните територии и преку територијата на која било од двете Страни на територијата на другата Страна“, но македонската јавност е сведок на зачестените протести на земјоделците од грчка страна, кои речиси без исклучок секогаш го блокираат граничниот премин „Евзони“, главната снабдувачка артерија на земјава од Солунското пристаниште. Од македонска страна е обновена железничката линија до грчката граница, но Грција и натаму го опструира железничкото поврзување меѓу Битола и Лерин, па возовите одат само до Жабени.
Ова се само дел од обврските што се јасно наведени во Преспанската спогодба што Грција избегнува да ги спроведе, иако грчкиот министер за надворешни работи Герапетритис говори дека „меѓународните договори мора целосно и доследно да се спроведуваат“.
– Нова демократија пред да дојде на власт јасно кажа дека нема ништо да спроведе од Договорот од Преспа и го прави тоа. Тие само ги чекаат роковите ставени во спогодбата што се однесуваат на Македонија и притискаат земјава да исполнува сѐ што е наведено таму, повикувајќи се на меѓународното право и доследното почитување на договорите. Ако се доблесни, досега ќе ги ратификуваа меморандумите, ќе имавме железничка врска, ќе профункционираа нови гранични премини. Тоа не е никаков проблем Грција да го направеше, само ако сакаше. Очигледно не сакаат, иако зборуваат дека односите меѓу двата народа се подобриле. Обврските од договорите важат за двете страни, така што ако инсистираш на доследност, тогаш и ти биди доследен – коментираат поранешни дипломати добро запознаени со македонско-грчките односи.