Илустрација: „Нова Македонија“

Во рамките на прашањата за евроинтегративните процеси на Македонија, во бриселските кулоари, а и во Њујорк (ООН), одвреме-навреме се водат некакви неформални дебати, со исклучително непријатни сигнали за судбината на нашата држава и народ. Во последно споменатата меѓународна институција дури постојат некакви полуинституционални форми (комисии и оддели што се системски докрај неструктурирани), а делокругот на нивното работење ги засега специфичните идентитетски проблеми/конфликти. Тие форми се исклучително критикувани како најслабата алка при ООН, бидејќи поради нивната тромост и непринципиелност особено еродира јус когенс (врховното право што многу се однесува на Македонците и идентитетот), поради што е силен впечатокот дека ОН и меѓународното право сериозно се руинираат!

Бугарија ќе биде менторот над македонските евроинтеграции?

Францускиот предлог, кој сега е составен дел од преговарачката рамка со Брисел, ѝ овозможува на Бугарија како земја членка на ЕУ да побара прекинување на преговорите или поништување/враќање назад по усогласувањето на одредени кластери. Дополнително, Софија тој механизам ќе може да го искористи и за исполнување на акцискиот план за малцинства, план преку кој Софија ќе може да побара образование за бугарското малцинство во Македонија, како и апсурдното барање за изучување на бугарската историја во македонските учебници, односно печатење историски содржини во македонските учебници, содржини што на најдиректен начин ги негираат македонскиот јазик и историја. Преку францускиот предлог и акцискиот план, Бугарија индиректно се наметнува како ментор над македонските евроинтеграции, со што на директен начин се нарушуваат повелбата на Обединетите нации и вредностите на Европската Унија. Со тоа на најгруб начин се бара од Македонија како држава и нација да ги избрише или да ги ревидира сопствените национални суштински особености.

Софија (апсолутно) ќе ја забавува Македонија

Досегашното проширување на Европската Унија единствено зависеше од исполнувањето одредени политички и економски услови од страна на земјите кандидати. Мерилата за пристапување во ЕУ произлегуваат од копенхашките критериуми и се многу јасни. Секоја држава треба да ги почитува демократските вредности на Европската Унија, како и посветеноста во нивното промовирање. Дополнително, постојат суштински услови што треба да ги исполни секоја земја кандидат. Тие услови се групираат во три критериуми – политички, економски и институционален капацитет. Конкретно политичките критериуми се состојат од стабилност на институциите што гарантираат владеење на правото, човекови права и заштита на малцинствата. Во контекст на економските мерила, земјата кандидат треба да овозможи функционална пазарна економија и капацитет за справување со конкуренцијата и пазарните сили. Последниот критериум е административниот и институционален капацитет, односно ефикасното спроведување на правата на ЕУ, како и способност за преземање обврски од членството во Европската Унија.
Мерилата според кои се оценува евроинтеграцијата на една земја членка се кристално јасни, но неколку домашни и странски експерти, аналитичари и интелектуалци, повеќепати досега посочија дека во случајот со Македонија и нејзиното пристапување во Европската Унија се прави преседан преку внесување идентитетски и историски прашања, од чие исполнување или неисполнување ќе зависи влезот на Македонија во ЕУ. Дека ситуацијата е апсурдна потврдува и фактот дека Бугарија, која е членка на ЕУ, на најдиректен начин ги прекршува копенхашките критериуми преку непочитување на малцинските права на Македонците, а истовремено наметнува ирационални и несуштински поставки, кои се спротивни од самата суштина на Европската Унија, како што велат нашите соговорници. Уште повеќе е загрижувачки фактот дека во случајот со Македонија, Брисел дозволи директно мешање на земја членка на ЕУ во внатрешните работи на земја кандидат за ЕУ, што е спротивно од меѓународното право и начелата на самата Европска Унија, но и принципите на Обединетите нации, посочуваат аналитичарите и експертите со кои говоревме.

Бугарија може да нѐ закочи – бесконечно!

Дека Брисел и Европската Унија во случајот со Македонија отстапија од суштинските услови што произлегуваат од копенхашките критериуми потврдува и т.н. француски предлог, а особено е загрижувачки акцискиот план со Бугарија. Според францускиот предлог, кој сега е составен дел од преговарачката рамка на Македонија со ЕУ, преговорите ќе се засноваат на сопствените заслуги на Македонија, а темпото ќе зависи од напредокот на Македонија во исполнувањето на барањата за членство. Меѓутоа, дополнително на тоа, Македонија треба да постигне и видливи резултати и спроведување на билатералните договори, вклучувајќи ги и Договорот од Преспа со Грција и Договорот за добрососедски односи со Бугарија од 2017 година. Со усвоената рамка, која е резултат на ревидираниот француски предлог, се предвидува дека во случај на сериозно и постојано непочитување на вредностите врз кои е основана Европската Унијата од страна на Македонија, комисијата може, по сопствена иницијатива или соодветно образложено барање на земја членка, да препорача прекин на преговорите и да ги предложи условите за евентуално продолжување. Дополнително, доколку се утврди дека има значително назадување во кластерот или во одредено поглавје што сѐ уште не е привремено затворено, комисијата може по своја иницијатива или по соодветно образложено барање на земја членка да препорача претходното отворање на односниот кластер да се поништи.
Аналитичарите и експертите со кои се консултиравме посочуваат дека постојат јасни критериуми што Македонија треба да ги исполни, а Европската Унија преку своите институции има право да ги прекине преговорите или да ги поништи претходно отворените кластери. Но со преговарачката рамка на Бугарија ѝ се овозможува постојано кочење на евроинтегративниот процес на Македонија, бидејќи самата рамка наведува дека земја членка може да побара прекинување на преговорите или поништување на кластерите. Нашите соговорници велат дека овој сегмент од преговарачката рамка е наменски за Софија, а Бугарија, без разлика дали Македонија ќе ги исполни копенхашките критериуми, како што се владеењето на правото или институционалниот капацитет, ќе побара прекинување на преговорите или поништување на одредени кластери доколку не се исполнат нејзините идентитетски и историски барања, барања што се ирационални и спротивни од слободарските и демократски вредности.

Според нашите соговорници, т.н. француски предлог и акцискиот план се синтеза на една суштина – негирање на македонската нација или, во најмала рака, ревидирање на нејзините јазични и историски карактеристики. Точно е дека Македонија како земја кандидат треба да ги почитува човековите и малцинските права, но барањето за промена на македонскиот устав и акцискиот план се долгорочна политика на Бугарија кон Македонија. Не постојат гаранции дека Софија нема да ги злоупотреби можностите што ѝ се даваат од преговарачката рамка и нејзината позиција како членка на ЕУ

Францускиот предлог и акцискиот план се синтеза на една суштина – негирање на македонската нација!

Македонските институции неколкупати досега потврдија дека ќе биде направен акциски план за побрзо спроведување на Договорот за добрососедски односи со Бугарија. Исто така неколкупати досега беше потврдено дека Бугарија нема посебни барања во текот на билатералниот скрининг, но Македонија како кандидат за членство ќе мора да се консултира со неа во текот на креирањето на акцискиот план. Тоа особено беше потврдено од вицепремиерот Бојан Маричиќ, според кого дополнително, во рамките на патоказот за владеење на правото, ќе треба да се направат и акциски планови за заштита на правата на малцинствата и заедниците со конкретни мерки за недискриминација, борба против говорот на омраза и право на образование. Покрај тоа, Маричиќ укажа дека овие мерки не се ексклузивни, но доколку се земе предвид природата на бугарските барања, на најдиректен начин се доведуваат во прашање македонските национални особености – јазик, историја, култура и сл.
Доколку внимателно се анализира, повеќе показатели потврдуваат дека европската интеграција на Македонија ќе зависи исклучиво од Софија, односно од исполнувањето на бугарските барања од македонска страна. Без разлика дали Македонија ќе напредува по патот на владеењето на правото или борбата против корупцијата, Софија ќе ја забавува Македонија. Според нашите соговорници, т.н. француски предлог, кој сега е составен дел од преговарачката рамка, и акцискиот план се синтеза на една суштина – негирање на македонската нација или, во најмала рака, ревидирање на нејзините јазични и историски карактеристики. Точно е дека Македонија како земја кандидат треба да ги почитува човековите и малцинските права, но барањето за промена на македонскиот устав и акцискиот план се долгорочни политики на Бугарија кон Македонија.

Не постојат гаранции дека Софија нема да ги злоупотреби можностите што ѝ се даваат од преговарачката рамка, а по внесувањето на Бугарите во македонскиот устав ќе биде побарано и правото за образование на бугарското малцинство. Правото за образование, кое е составен дел од акцискиот план, е особено проблематично. Бугарија преку правото за образование на бугарското малцинство може да побара изучување на бугарската историја во македонските училишта, преку македонскиот образовен систем, нешто што би требало да биде санкционирано и преку печатење македонски учебници со бугарска историска содржина, содржина што на најдиректен начин ја негира македонската нација.
Нашите соговорници велат дека Македонија ќе се усогласува со Европската Унија и нејзините критериуми, но францускиот предлог, кој сега е составен дел од преговарачката рамка, и акцискиот план ѝ овозможуваат на Бугарија да се оформи како ментор над македонските евроинтеграции, интеграции што ќе зависат од исполнување ирационални барања, како што е изучувањето содржини во македонските учебници во кои се негира македонската историја, како и македонскиот јазик. На овој начин, Европската Унија ѝ дозволи на Бугарија директно да се меша за суштинските македонски национални нешта, преседан што не само што ја нарушува повелбата на Обединетите нации туку и на најдиректен начин бара од една нација сама да се избрише или да ревидира сопствени суштински особености, нешто нечујно во меѓународните правни пракси или светска историја. Затоа е јавната прозивка кон организацијата како што е ООН!