РАКОМЕТ – ДЕНЕСКА ЖДРЕПКА ВО ВИЕНА

Кадетската и младинската репрезентација на Македонија денеска ќе ги дознаат ривалите на европските првенства (ЕП), по ждрепката на групите (од 15 часот) што ќе биде влечена во седиштето на Европската ракометна федерација (ЕХФ) во Виена (Австрија).
Кадетската селекција, предводена од селекторот Наум Танески, која преку квалификациите обезбеди место на годинашниот континентален шампионат, пред ждрепката е сместена во четвртиот барабан, во кој се и репрезентациите на Романија, Грција, Израел, Украина и на Италија. ЕП 2024 ќе се одржи во Подгорица (Црна Гора, во август), а ќе настапат 24 селекции.
Младинската репрезентација на Македонија, предводена од селекторот Раде Стојановиќ, која преку ЕХФ-шампионатот во Рига (Летонија) го потврди својот настап на ЕП 2024, ќе биде во третиот или во четвртиот барабан, заедно со селекциите на Австрија и на Чешка, кои освоија трофеи на ЕХФ-шампионатите. Пред извлекувањето на учесниците по групи, ќе биде спроведено извлекување за тоа кои од трите земји (Австрија, Чешка и Македонија) ќе бидат дел од барабанот три, а која селекција во барабанот четири, оти трите репрезентации како победници на ЕХФ-шампионатите (до 18 год.) во 2022 година се рангирани на иста позиција. ЕП 2024 за младинци ќе се одржи во Целје (Словенија, во јули), со учество на 24 селекции.
Во март и двете македонски репрезентации треба да одиграат пријателски мечеви. Младинците ќе ѝ бидат домаќини на Хрватска, во Скопје (натпревари на 15 и на 16 март), а кадетите ќе играат на гости со Црна Гора (14 и 15 март). Г.И.


БАРАБАНИ ЗА ЖДРЕПКАТА ЗА ЕП 2024 ЗА КАДЕТИ

1: Шпанија, Германија, Шведска, Хрватска, Данска, Исланд
2: Унгарија, Словенија, Црна Гора, Португалија, Норвешка, Франција
3: Србија, Фарски Острови, Полска, Чешка, Швајцарија, Австрија
4: Македонија, Романија, Израел, Украина, Италија, Грција

БАРАБАНИ ЗА ЖДРЕПКАТА ЗА ЕП 2024 ЗА МЛАДИНЦИ
1: Шпанија, Шведска, Германија, Унгарија, Хрватска, Данска.
2: Норвешка, Португалија, Словенија, Фарски О., Исланд, Ц. Гора
3: Србија, Франција, Полска, Италија, Македонија/Австрија/Чешка (две)
4: Украина, Израел, Швајцарија, Романија, Грција, Македонија/Австрија/Чешка (една)