Фото: Игор Бансколиев

ФУДБАЛ – УЕФА

Според податоците на УЕФА, Ајнтрахт ангажирал девет нови фудбалери, а заминале десет. Вкупно се направени околу 200 трансфери на 26-те клуба што ќе играат директно во групната фаза на новата сезона на ЛШ
Од 32-та тима што во новата сезона ќе играат во групната фаза на фудбалската Лига на шампионите (ЛШ), 26 директно се пласираа и многу веќе почнаа да ги градат своите тимови пред европската сезона што треба да почне во септември.
Европската фудбалска унија (УЕФА) на својата интернет-страница објави кои клубови до саботата направиле трансфери, па така, досега најмногу нови фудбалери донесе победникот на Лига Европа, германскиот Ајнтрахт Франкфурт, девет, а заминале десет фудбалери.
Со тоа засега Ајнтрахт Франкфурт е клубот со најмногу измени во тимот меѓу учесниците во елитното европско клупско натпреварување. Според податоците на Европската фудбалска унија, вкупно досега се направени околу 200 трансфери на 26-те клуба што ќе играат директно во групната фаза на новата сезона на Лига на шампионите.
Осум нови играчи има германската Борусија, а од клубот од Дортмунд заминале седуммина. Актуелниот европски првак Реал Мадрид од Шпанија, пак, има двајца нови фудбалери (Антонио Ридигер од Челси, Аурелиен Чоамени од Монако), а заминале четворица (Герет Бејл во ФК Лос Анџелес, Виктор Част во Кадиз, Иско, Марсело, Лука Јовиќ во Фиорентина), пишува Европската фудбалска унија.
Финалистот во минатата сезона на Лигата на шампионите, англискиот Ливерпул, пак, ги ангажира Фабио Карваљо од Фулам, Дарвин Нуњез од Бенфика и Калвин Ремзи од Абердин, а заминаа Лорис Кариус и Садио Мане во Баерн итн.
Меѓу фудбалерите што ќе имаат нови клубови во новата сезона се и, на пример, Луис Суарез, Андреас Кристенсен, Дани Алвеш, Филипе Кутињо, Никлас Суле, Ромелу Лукаку, Себастиен Халер, Герет Бејл, Ерлинг Холанд, Андре Онана, Иван Перишиќ, Анхел ди Марија, Џорџо Киелини, Ричарлисон, Корентин Толисо, Даглас Коста…