ФУДБАЛ

Ливерпул, европскиот и англиски вицешампион, се договори со Бенфика за ангажирање на уругвајскиот напаѓач Дарвин Нуњез за 75 милиони, односно потенцијални 100 милиони евра преку најразлични бонуси, како што се освоените титули, бројот на одиграни натпревари, постигнати голови итн.

Досегашниот рекорден трансфер на Ливерпул изнесуваше 75 милиони фунти (87,5 милиони евра) за центархалфот на Саутемптон, Вирџил ван Дајк во 2018 година. Трансферот на Нуњез е петти најскап во Премиер-лигата. На првата позиција е Џек Грилиш, за кого Манчестер сити лани на Астон вила ѝ плати 100 милиони фунти (116,7 милиони евра). Натаму следуваат Ромелу Лукаку, 97,5 милиони фунти (113,8 милиони евра), од Интер во Челси, Пол Погба, 93,2 милиони фунти (108,8), од Јувентус во Манчестер јунајтед, и повторно Лукаку, од Евертон во Манчестер јунајтед, за 90 милиони фунти (105 милиони евра).

Нуњез (22) минатата сезона постигна 34 гола на 41 меч во сите натпреварувања за Бенфика. Минатата сезона, тој постигна шест гола на 10-те натпревари во Лигата на шампионите (ЛШ), од кои два на двата меча против Ливерпул во четврт-финалето во април.

За Ливерпул, кој минатата сезона ги освои ФА и Лига-купот, прво засилување во овој преоден рок беше 19-годишниот Португалец Фабио Карвалјо, напаѓачот на Фулам.