УЕФА и КОНМЕБОЛ го одбија предлогот за организирање на светските првенства на секои две години, кој го поддржуваше Арсен Венгер, а сега има идеја за мундијали на секои три години, пишуваат британски медиуми

ФУДБАЛ

Претседателот на Светската фудбалска федерација (ФИФА), Џани Инфантино, сака светските првенства (СП) да се одржуваат на секои три години како дел од долгорочниот план за револуција во меѓународниот фудбал, пишува британски „Дејли мејл“. Претходно Инфантино објави и дека во 2025 година ќе почне да се игра проширено Светско клупско првенство, и покрај тоа што не успеа да обезбеди поддршка од играчите, клубовите и меѓународните конфедерации, пишува „Дејли мејл“.
И покрај најавите за исцрпеност на играчите и повреди на СП 2023, фудбалот обезбеди привлечен спектакл, при што турнирот генерира рекордни приходи од 6,2 милијарди фунти, што е зголемување за 840 милиони фунти во однос на Светското првенство во Русија во 2018 година. Долгорочната амбиција на Инфантино е да воспостави радикален нов турнирски циклус, во кој светските првенства би се одржувале на секои три години, а во другите години би се одржувале Светското клупско првенство и континенталните натпреварувања, како што е Европското првенство, пишува „Дејли мејл“.

– Тоа и не е некоја нова идеја, сум ја слушал и порано. Често одам во седиштето на УЕФА и мислам дека УЕФА ќе се спротистави на ваквата замисла на Инфантино, а истото тоа ќе го сторат и клубовите. Ќе биде многу тешко и за самите репрезентации да се игра СП на секои три години, оти знаеме дека имаме ЕП на секои четири години, а се одржуваат и други континентални натпреварувања. Но оваа идеја секако е поттикната од сѐ поголемиот финансиски профит што го носат ваквите големи натпреварувања, додека, пак, фудбалерите едноставно се претворија во роботи, па видовме дека во екот на националните лиги се повредија повеќе играчи, кои потоа и не можеа да настапат на СП. Лично не верувам дека е ова добро за фудбалот, а и за самите играчи, и сум против ваквата идеја, на крајот на краиштата со честото играње и ќе се изгуби самата убавина на играта. Но ако ФИФА наумила вакво нешто, прашање е само на време кога и ќе го реализира тоа. ФИФА можеби сега пушта само пробен балон како на сето ова ќе реагираат другите членки, за да види понатаму како да постапува – вели фудбалскиот стручњак Зоран Стратев.
Не е можна промена до Светското првенство во 2030 година, бидејќи разговорите меѓу засегнатите страни за меѓународниот календар од 2024 до 2030 година се блиску до завршување. Европската фудбалска унија (УЕФА) и јужноамериканската конфедерација (КОНМЕБОЛ) заедно го одбија предлогот за организирање на светските првенства на секои две години, кој го поддржуваше Арсен Венгер, и веројатно ќе се спротивстават на најновата иновација на ФИФА, пишува „Дејли мејл“.

– Идејата на ФИФА, на чело со Инфантино, треба да се разгледува од два аспекта. Прво, дали е добро да се игра на секои три години, оти имаме ЕП на секои четири, односно дали ќе можат сега да ги втемелат сите тие временски промени со почестото играње, и вториот аспект секако е финансискиот ефект, кој сигурно и ја поттикнал ваквата замисла. Секој би сакал да гледа почесто квалитетен репрезентативен фудбал, како што беше сега ова СП во Катар, каде што сите ние уживавме во убавата игра, головите, индивидуалните потези, но прашање е дали сето тоа е добро, со оглед на тоа што имаме, исто така, и континентални натпреварувања во Северна Америка, Азија, Африка, Јужна Америка… Ова, сепак, се радикални промени, во моментов не би можел да кажам прецизно како ќе се одрази сето ова на иднината на фудбалот и на фудбалерите. Но на поголемите клубови почестото играње на СП сигурно ќе им претставува проблем – вели некогашниот македонски селектор Ѓоко Хаџиевски.
Доајенот на македонското новинарство Зоран Михајлов смета дека со предлогот ќе опадне интересирањето кај љубителите на фудбалот.

– Со предлогот СП да се играат на три години ќе опадне интересирањето кај љубителите на фудбалот. Ќе има една заситеност од врвни приредби, зашто има континентални првенства, Лига на нации во Европа и слични натпревари под друго име на другите континенти. Квалитетните фудбалери ќе бидат оптоварени и со клупските настапи. Ако СП се одржуваат како досега, тоа ќе биде мотив за многу генерации, а повозрасните фудбалери што ќе немаат време за чекање за да дојдат до висок пласман ќе настојуваат да одиграат максимално, зашто ако чекаат нов циклус од четири години, прашање е дали ќе може да ја одржат формата. Затоа сметам дека ваквиот формат е добар и не треба да се менува. Не знам дали и профитот ќе биде како сега, зашто поради брзото доаѓање на СП може да дојде до заситеност и кај фудбалерите и кај спонзорите. Не сум од оние што инсистираат на промена заради промена – вели Михајлов. Г.И.;Г.М.