Фото: Игор Бансколиев

Деновиве францускиот амбасадор во Скопје, Сирил Бомгартнер, уште еднаш ѝ стави на знаење на македонската политичка и поширока јавност дека Франција не се откажува од францускиот предлог. Тој истакна дека и доколку по скрининг-процесот македонскиот устав не биде ревидиран, тоа ќе значи дека процесот на европската интеграција на Македонија моментално ќе биде запрен, сѐ додека не се промени таа состојба. Францускиот амбасадор појасни и дека не постои гаранција дека промената на Уставот ќе биде последната отстапка на македонскиот пат до полноправно членство во ЕУ. Францускиот амбасадор е уште еден во низата што ни става отворено до знаење да обрнуваме поголемо внимание на знаците и сигналите што европските дипломати „ги поставуваат покрај патот што води кон ЕУ“. Некои од нашите соговорници дипломати велат дека „тие знаци треба да се почитуваат, без разлика што истите тие може во текот на возењето да бидат сменети“. Патот за ЕУ „го трасирала Унијата и таа си го зела правото да го регулира сообраќајот на тој патен правец, без разлика дали тоа се совпаѓа со универзално дотогаш важечките (демократски) принципи“…

Македонските евроинтеграции сѐ повеќе се претвораат во непредвидлива авантура

Високи претставници на ЕУ, европски лидери, па и дипломатите во земјава, сосема непринципиелно и (не)дипломатски настојуваат условувањето со уставни измени за Македонија да го започне (или продолжи) преговарачкиот процес за членство во ЕУ, сосема надвор, дури и спротивно на Копенхашките критериуми за проширување на Унијата, да го наметнат со уценувачки манир, во стилот земи или остави. Притоа, како никој од нив да не се вознемирува дека со таквите постапки флагрантно се дерогираат принципите на меѓународното право за рамноправност на суверените држави во меѓународниот поредок, а се тангира и принципот за немешање во внатрешното уредување на суверена земја.
Така, процесот на македонските евроинтеграции сѐ повеќе се претвора во непредвидлива авантура, во која се чини е дозволено правилата и условите да се менуваат во текот на „играта“. Кажано со спортски речник, кој во деновите на Светското првенство беше многу популарен, „играта може да биде запрена во секој момент кога ќе реагира некој од официјалните набљудувачи во ВАР-собата“.

Тргни-застани за македонскиот евроинтегративен процес

Иако претставниците на ЕУ во земјава уверуваат дека Македонија ги започнала преговорите за членство, сепак „добронамерно предупредуваат“ дека тие можат веднаш да запрат ако земјата не ги спроведе уставните измени за внесување на Бугарите во преамбулата, наведени како дополнителен услов во францускиот предлог на преговарачката рамка.
Неодамна францускиот амбасадор во Скопје, Сирил Бомгартнер, во медиумско интервју уште еднаш ѝ стави на знаење на македонската политичка јавност дека Франција не се откажува од францускиот предлог и доколку по скрининг-процесот македонскиот устав не биде ревидиран, тоа ќе значи дека процесот на европската интеграција на Македонија моментално ќе биде запрен, сѐ додека не се промени таа состојба. Притоа францускиот амбасадор додава и дека не постои гаранција дека промената на Уставот ќе биде последната отстапка на македонскиот пат до полноправно членство во ЕУ.
– Мислам дека треба да ги раздвоиме етапите. Првата етапа сега, реално кажано, е дека вашата земја веќе ги почна преговорите за членство. Нема никаков сомнеж во Европа дека вие веќе ги отворивте преговорите и ќе ве потсетам дека Македонија денес се наоѓа во иста состојба како Албанија во однос на евроинтегративниот процес. Мислам дека и во Албанија никој нема сомнеж дека земјата ги отвори преговорите за членство. Тоа е првата работа што треба да ја имаме на ум и да ја истакнеме. Друга работа е следната: откако ќе се отворат преговорите, постои првата етапа – скринингот, и ние сега се наоѓаме токму во таа скрининг-фаза и треба да признаеме дека што се однесува до Македонија во текот на скринингот идната година ќе треба да се промени македонскиот устав, за да може да преминеме на следната етапа. Точно е дека е услов што е наметнат и ќе треба да знаеме дека спроведувајќи ја согласноста што беше постигната во текот на летото, уставната ревизија треба да се случи и преминот на Македонија во следната етапа, односно активни преговори, ќе биде автоматска, односно ќе нема можност за блокада. Тоа ќе биде втората етапа. Третата етапа е етапа што ќе предизвика мобилизација на Македонија, тоа е активната фаза на преговори за членство и тука сѐ ќе зависи пред сѐ од мобилизацијата на властите и на македонските институции. Тоа значи дека доколку очекуваните реформи се спроведат на ефикасен начин, прво на хартија, потоа на терен, тогаш текот на преговорите ќе биде забрзан. Доколку има неколку тешкотии во одредени моменти во спроведувањето на реформите, тоа ќе има последици и на преговарачкиот процес… – вели амбасадорот на Франција во Македонија, Сирил Бомгартнер.

Земи или остави не е демократски услов, туку уцена

Високи претставници на ЕУ, европски лидери, па и дипломатите во земјава, сосема непринципиелно и (не)дипломатски настојуваат условувањето со уставни измени за Македонија да го започне (или продолжи) преговарачкиот процес за членство во ЕУ, сосема надвор, дури и спротивно на Копенхашките критериуми за проширување на Унијата, да го наметнат со уценувачки манир, во стилот земи или остави. Притоа, како никој од нив да не се вознемирува дека ги дерогира принципите на меѓународното право за рамноправност на суверените држави во меѓународниот поредок и оној за немешање во внатрешното уредување на суверена земја. Уште поголема контроверзност е што од Македонија се бара менување на Уставот, додека од Бугарија (која тоа го бара и го издејствува како европски услов) не се очекува да постапи реципрочно во однос на правата на Македонците во таа земја, односно да спроведе 17 пресуди од Европскиот суд за човекови права, на таа тема.
– Таквиот однос на дипломатите и странските претставници во Македонија, кои си дозволуваат да коментираат и препорачуваат интервенции во Уставот, што е својствено за некоја протекторат-држава, во голема мера се должи на фактот дека тоа им е дозволено, па дури и се очекува како поддршка од актуелната власт. Со оглед на таквиот однос на владејачката гарнитура, не е изненадувачка реториката на дипломатите и странските претставници што се присутни или доаѓаат во земјава, што во нивните држави би било оценето како мешање во внатрешните работи. Во така создадениот амбиент за надворешни влијанија во врска со уставните измени, предвидени како услов за продолжување на преговорите на Македонија со ЕУ, изјавата на актуелниот француски амбасадор во земјава е дури блага (ги наведува само чекорите на постапката) во однос на некои други порадикално „убедувачки и заплашувачки“ изјави на дипломати во земјава и официјални посети. Реално, никој од нив нема што да изгуби во оваа евроинтегративна авантура со уставните измени што ѝ се наметнуваат на Македонија, губитник е само македонскиот народ. Сепак, и покрај сиот дипломатски (и помалку дипломатски) напор да се издејствуваат уставните измени, уверен сум дека овој пратенички состав во македонското собрание нема да ги изгласа. Тоа веројатно е и скриената желба на евроемисарите, кои всушност не се расположени за проширување на Унијата, ниту да даваат гаранции дека нема да има услови (уцени) за земјите-кандидати.
Дури кога сега би се прашале земјите од старото јадро на ЕУ, поприфатлива би им била идејата за да се исфрлат некои сегашни земји-членки откoлку да се прошируваат со нови. Тоа ни ја покажува затвореноста на ЕУ, но и залудноста на секакви отстапки и нови жртви на Македонија во евроинтегративниот процес – вели политичкиот аналитичар Александар Пандов.
Поранешната македонска амбасадорка и новинарка Мелпомени Корнети смета дека за една држава е навредливо и неприфатливо странски амбасадори да се мешаат и да влијаат во внатрешните работи за земјата-домаќин. Според неа, целосно контрадикторно е ЕУ да бара уставни измени од Македонија, а притоа да опоменува дека најголем проблем што ги засега критериумите за проширување е – корупцијата.
– ЕУ и понатаму, којзнае по кој пат ја игра со нас играта со морковот и стапот. Но колку повеќе стапови „јадеме“, толку подалеку ни е морковот. Во оваа фаза најмудро е за нас самите да ги запреме преговорите, сѐ додека евроинтеграциите ни се водат со уцени. Навредливо и неприфатливо за една суверена држава е странски дипломати да поставуваат услови за уставни измени, што е директно мешање во внатрешните работи и треба да се реагира барем со протестно писмо. Но се чини кај нас јавноста веќе е отрпната на ваквото однесување и на дипломатите и на нашите политичари, кои за секој свој чекор го прашуваат „меѓународниот фактор“. Сега, за прифаќање на уставните измени се применува принципот на „варење жаба“, која полека се привикнува на затоплување на водата, па нема ни да почувствува дека е сварена. Зошто никој кај нас не гледа што се случува во ЕУ, која длабоко загазува во корупција? Секоја здрава логика укажува дека уставните измени ќе ни ја разнебитат државата. Дури и да има гаранции од ЕУ дека тоа ќе биде последниот услов (а нема), не смее да се спроведат уставни измени. Впрочем, мошне контрадикторно е што ЕУ гласно предупредува дека најголемиот проблем ни е корупцијата и наместо да се помогне тука, се поставува услов/ултиматум – промена на Уставот, за да ги почнеме преговорите?! Токму високата корупција кај нас е во спротивност со стандардите на ЕУ и би ја загрозила/заразила Унијата, а не нашиот Устав – вели амбасадорката Мелпомени Корнети.