Елма ни беше важно да ја разбереме психата кај негативецот, на оној што пукал и убил, не за да го одoбриме тоа, туку за да сфатиме кои се заднината и контекстот на неговата приказна. Како и дали е можно еден обичен човек да убие друго битие, да пука во некого и да остане недопрен и што се случува со неговата душа по таквото злосторство, вели Стругар Митевска

Теона Стругар Митевска, режисерка

„Најсреќниот човек на светот“ е последното остварување на Теона Стругар Митевска. Филмот имаше светска премиера на Филмскиот фестивал во Венеција, во програмата „Хоризонти“, а играше и во Торонто, Киев, на 25. Филмски фестивал на словенечки филм во Порторож, Словенија. На 35. Панорама на европски филм во Атина ја освои наградата за најдобар филм и уште голем број други награди и признанија и е годинашен македонски кандидат за „оскар“ во категоријата најдобар меѓународен филм. Филмот говори за тешкотијата на помирувањето, кое е неопходно за да се може да се продолжи со животот во мир по војна. Ова е приказна за непредвидливоста на животот, случајните средби помеѓу напаѓачот и жртвата, оживувањето на болното минато, за невозможни спојки, за љубовта и апсурдноста. Филмот е базиран на вистинската приказна на авторката на сценариото, Елма Татарагиќ.

Што ве иницира да се занимавате со прашањето „можно ли е простување по војна“? Вие ја најдовте приказната или таа вас?
– Приказната е вистинска приказна на Елма Татарагиќ, косценаристка на филмот. Таа доаѓа од Сараево и за време на војната била ранета. По војната, за време на една работилница за театар, додека е студентка по драматургија таа го среќава момчето што ја има рането, се препознаваат преку едно детско ќебе, адресата и описот на фасадата на зградата во која живеела. Веројатноста дека тој човек пукал во неа таа ноќ е голема 99 отсто. Што се случуваа по таа средба: Елма и тој млад човек остануваат во контакт и таа средба и можноста да комуницираат ѝ помагаат на Елма да се реконструира и да најде некаков мир.
Со Елма работам веќе со години и оваа приказна секогаш беше во заднината на нашите умови, само го баравме вистинскиот момент, првенствено да ја најдеме вистинската формула, контекст низ кој би ја раскажале приказната, и истовремено го чекавме моментот кога Елма ќе се чувствува подготвена да му се отвори на светот. Всушност, оваа приказна на двете ни е извонредно важна, на Елма бидејќи тоа е таа, а мене како дете на една генерација чиј развој и соништа беа прекинати од војната во Југославија. Лично, со години размислував што и како ни се случи, долго бев лута бидејќи војната ни го одзеде сето она што ни беше ветено, мајка ми е Црногорка, татко ми Македонец, јас сум дете на Југославија и концептот на простувањето по признанието на вината е единствен начин преку кој можеме да се справиме со оваа тешко и не толку далечно минато.

„Најсреќниот човек на светот“ допира до секој човек и отвора прашања. Што ви беше клучно да покажете во филмот?
– Ни беше важно да ја разбереме психата кај негативецот, на оној што пукал и убил, не за да го одобриме тоа, туку за да сфатиме кои се заднината и контекстот на неговата приказна. Како и дали е можно еден обичен човек да убие друго битие, да пука во некого и да остане недопрен и што се случува со душата на истиот тој по таквото злосторство. Психата на двата повредени карактера ни беше во центар на интересот, бидејќи Елма и јас се согласуваме со следното: не е важно да се согласуваме околу деталите за тоа што и како се случило, но важно е да комуницираме, и токму тоа во поранешна Југославија. Триесет години подоцна ние сѐ уште не сме имале никаков процес на реконсилијација, каде што би ги допреле оние есенцијални прашања, како, зошто и како понатаму.

Додека циркулираат прашањата за потенцијалните двојки во филмот, мислам дека секој човек си ги одговара во себе… Имавте ли намера суптилно да ѝ ги поставите и на публиката?
– Видете, прашањата се забавни, но и есенцијален чекор во процесот е вистинските прашања да дојдат до површината, како некој мал бран што со секое прашање сѐ повеќе се зголемува, за во еден момент да стане цунами, енергија што мора да избувне, а не знае ни самата како, ниту пак каде. Оваа енергија во почетокот е поврзана со внатрешната состојба на негативецот, односно Зоран. Подоцна, секако, интенцијата односно фокусот се менува на жртвата, односно главниот лик на Асја. Што се однесува до прашањата убаво сум изненадена од вашата сугестија дека публиката истовремено си ги одговара прашањата во себе и сега кога размислувам, одговорот е се разбира – да. Секој филм со себе носи прашања, идеи што ѝ се поставуваат на публиката, разликата во овој филм е што тие прашања од самиот почеток директно ја адресираат и конфронтираат самата публика, така што гледачот е ангажиран од самиот почеток.

Една сцена посветивте за еден див, слободен танц. Каде ја носи танцот Асја и која е симболиката на разголувањето на внатрешниот свет преку танцот?
– Структурата на сценариото е следната: тобоган на емоции со моменти на комично олеснување, сѐ додека не дојдеме до моментот на катарзата, односно ослободување каде што Асја конечно успева да се ослободи или, пак, да почне да се ослободува од тешкотијата на траумата на војната. Танцот го симболизира токму тоа, конечното ослободување и вкусот на леснотијата на слободата. Инаку, веќе со години работам со кореографката Рисима Рисимкин на секој од моите филмови, нашата колаборација се однесува пред сѐ, на движењето на актерот во самиот простор, како и на одредени музички нумери како оваа на Асја во дискотеката, каде што Рисима работеше на многу прецизна кореографија, која е длабоко втемелена во емотивниот развој на карактерот на Асја. Во случајов, болка и целосна слобода, да бидеш токму онаков каков што сакаш да бидеш – див и бескомпромисен.

Фокусот на филмот е на две ранети лица, на една необична средба, на обелоденување на вистината… Потребно ли е, кога-тогаш, вистината да се ослободи?
– Тоа ослободување е единствен начин барем да почне процесот на пребродување на траумата. Сите ние, сите бивши југословенски републики страдаме од посттрауматскиот синдром, некои повеќе, некои помалку. Ова време на транзиција што бескрајно долго трае е одраз на нерешени дилеми, неодговорени прашања и несоочување со тие длабоки вистини што живот значат. Зарем не е време како општество и регион да го направиме токму тоа? Не мораме да се согласуваме, но мораме да зборуваме, бидејќи на крајот како поранешни Југословени имаме многу повеќе работи што нѐ спојуваат отколку што нѐ раздвојуваат.

Крајот на филмот поставува едно прашање – за простување ли живееме? Само преку простување ли се ослободува болката?
– Во случајот на Елма, да, моментот кога таа приватно одлучува да му прости на тој што ја погодил е моментот кога таа си дава зелено светло да ја конструира својата иднина. Раните се длабоки и не се забораваат лесно, но и тука ја цитирам Елма: „Тоа е единствен начин да се продолжи“. Во психологијата постојат и други техники: спортот, вресокот, танцот… За жал, ја нема секој можноста на Асја директно да го конфронтираат својот немесис, но токму поради тоа инсистирам на важноста на улогата на самото општество, кое може и мора преку прецизно оркестрирани механизми да влијае на ослободувањето на популацијата од колективната траума, која е дел од сите нас. Ова е неопходно, особено ако се земат предвид последните истражувања во однос на траумата, кои велат таа е кодирана во нашата ДНК и останува со генерации подоцна. На пример, траумата на некој што преживеал концентрационен логор останува неколку генерации подоцна, минимум две. Каде овој факт нѐ остава нас на Балканот, до нас е да процениме и соодветно да реагираме.