Станува збор за само еден натпревар со Италија на кој сѐ е отворено. Македонските фудбалери треба да уживаат во овој бараж-меч и да покажат дека не сме случајно на ова место и меѓу најдобрите 20 селекции во Европа. Италија е селекција што е во „топ пет“ во Европа според квалитетот, актуелен европски првак. Меѓутоа, секоја селекција има силни, но и слаби страни, така е и со нив. Наше е да се обидеме да го искористиме тоа, рече селекторот на Македонија, Благоја Милевски
ФУДБАЛ – ПРЕД БАРАЖ-МЕЧОТ СО ИТАЛИЈА ВО КВАЛИФИКАЦИИТЕ ЗА ПЛАСМАН НА СП 2022
Нов историски фудбалски меч за Македонија. Во плејофот за пласман на Светското првенство (СП) годинава во Катар, Македонија ѝ гостува на Италија, во Палермо на 24 март. Победникот од овој натпревар ќе игра со победникот од дуелот помеѓу Португалија и Турција, на гости, на 29 март.
Македонија имаше успех во минатиот историски меч против Грузија (1-0) во плејофот за пласман на Европското првенство (ЕП) што ѝ обезбеди деби-настап на континенталниот шампионат. Сега Македонија ќе има нова можност за нов успех, иако ќе биде навистина тешко да се стигне до посакуваната цел. Италија е актуелен европски првак (има титули во 1968 и во 2020 година) и четирикратен светски првак (1934, 1938, 1982 и 2006 година).
– Станува збор за само еден натпревар со Италија на кој сѐ е отворено. Македонските фудбалери треба да уживаат во овој бараж-меч и да покажат дека не сме случајно на ова место и меѓу најдобрите 20 селекции во Европа. Ме радува формата во која се наоѓаат нашите репрезентативци. Што се однесува до Италија, тоа е селекција што е во „топ пет“ во Европа според квалитетот, актуелен европски првак. Меѓутоа, секоја селекција има силни, но и слаби страни, така е и со нив. Наше е да се обидеме да го искористиме тоа – рече селекторот на Македонија, Благоја Милевски, на вчерашната средба со новинарите.
Милевски истакнува дека овој тим на Македонија не знае да игра дефанзивно и пасивно.
– Тоа го покажавме на седумте натпревари во квалификациите. Ќе се потрудиме така да биде и на мечот со Италија. Ќе биде тешко, но не и невозможно. Нема лесен натпревар на ова ниво – вели Милевски, додавајќи оти не гледа никаква поврзаност со претходните два меча со Италија.
Собирот на македонската репрезентација е закажан за в недела во Скопје. Првиот тренинг е в понеделник попладне на тренинг-центарот „Петар Милошевски“.
МАКЕДОНИЈА
ГОЛМАНИ: Столе Димитриевски, Дамјан Шишковски, Кристијан Наумовски
ОДБРАНА: Стефан Ристовски, Дарко Велковски, Висар Муслиу, Кире Ристевски, Езѓан Алиоски, Тодор Тодороски, Стефан Ашковски, Никола Серафимов
СРЕДЕН РЕД: Аријан Адеми, Елиф Елмас, Енис Барди, Стефан Спировски, Тихомир Костадинов, Јани Атанасов, Ердал Ракип, Бобан Николов, Давид Бабунски
НАПАД: Адис Јаховиќ, Милан Ристовски, Бојан Миовски, Дарко Чурлинов, Александар Трајковски, Ваљон Етеми, Доријан Бабунски
СЕЛЕКТОР: Благоја Милевски