Тресење „зелени“ наместо „зелена политика“

Зелената боја во политичката агенда на ДУИ, промовирана пред осум-девет месеци, сѐ повеќе се покажува дека била со истечена гаранција, или веројатно била толку разредена пред бојадисувањето, па од под неа проби „оригиналната фарба“ на крајно радикална етничка структура, на која во прв план ѝ се разни ситнопартиски
етнички блефирања наместо интересите на државата. Така, наместо да се бори и да ја застапува зелената агенда, како што се декларира и ребрендира партијата, нејзините функционери излегуваат со апсурдни и контроверзни изјави поврзани со историјата и сл.

Зелената боја во политичката агенда на ДУИ, промовирана пред осум-девет месеци, сѐ повеќе се покажува дека била со истечена гаранција, или веројатно била толку разредена пред бојадисувањето, па од под неа проби „оригиналната фарба“ по два-три дожда по локалните избори. Сега се појавуваат и сомневања дека „стилистот“ на зелената агенда на оваа партија и не фарбал со вистинска фарба, туку со колор-шампон. Сомневањата за трајноста на стилски ексцентричната зелена боја во програмата на ДУИ, претставена пред локалните избори минатата година, се активираа по самопофалбите на функционерите од оваа партија дека се постигнати некои од целите на основната етничка поставка на нивната агенда. Во сета неизвесност со безбедносни, економски, енергетски предизвици на глобален план, во чиј виор е втурната и Македонија, министерот за политички систем и вицепремиер Артан Груби со восклик за „уште една успешно завршена задача“ на својот фејсбук-профил се пофали дека Владата донела одлука на униформите на припадниците на МВР во иднина, покрај македонскиот, да стои и натпис на албански јазик. По воскликот следува појаснување дека уредбата за униформите и нивните симболи со која се предвидува употреба на албанскиот јазик како службен јазик во униформите на полициските служби е во согласност со Законот за употреба на јазиците.

Радоста за „успешно завршената задача“ на владините функционери од ДУИ, со имплементацијата на натписите, т.е. ознаките на албански јазик на полициските униформи, на некој начин се надоврзува на јавно искажаната амбиција на лидерот на партијата Али Ахмети за почесно место во македонската историја на неговата милитантна формација ОНА, од која всушност произлезе сегашната ДУИ. Имено, на 14 март, Али Ахмети, заедно со соборците од времето кога се појави како лидер на милитантната ОНА, се потсети на 21-годишнината од „првите истрели на УЧК (ОНА) на калето над Тетово“. Во инсцениран амбиент на „одбележување историски момент“, Ахмети порача дека „не постои национална историја на оваа земја без Националната ослободителна војска – УЧК“. Избегнувајќи да ѝ го спомене името на земјата (Македонија), Ахмети сепак ги промовира намерите и амбициите да издејствува „почесно место“ во нејзината историја за својата војска, која, несомнено, имаше улога на агресор за македонската држава во 2001 година. И двата повода и изјави, и таа со униформите и таа со историјата на УЧК, немаат ништо заедничко со зелената агенда која сега ја прокламира ДУИ. Или можеби заедничкото им е само тресењето зелени, што во последно време како да станува практика во ДУИ, во отсуство на добро осмислени зелени политики.

Во своето дведецениско постоење како политичка партија, трансформирана од милитантна формација, ДУИ во секоја пригода настојува да ја наметне својата самоперцепција како „државотворен фактор“, како пред македонската, а особено пред меѓународната јавност. Сите нејзини декларирани, но и некои сѐ уште гласно неизговорени цели, се во насока да се издејствува признание за конститутивна државотворност на албанскиот фактор во Македонија, без оглед на сите импликации што би се предизвикале во државата и во регионот. Но дваесетгодишното неодминливо партиципирање во власта на македонската држава, сепак, создава некаква обврска за општествена одговорност и докази за оправданост на долгогодишната поддршка од меѓународните фактори. ДУИ сепак треба(ше) да покаже сигнали дека ги следи тековите на светските процеси и дека покажува некаков интерес за нешто надвор од етничката агенда, агресивно „промовирана“ пред дваесетина години, но очигледно со застарен дизајн. Затоа, пред локалните избори минатата година, ДУИ речиси ја изненади македонската јавност со „зелената агенда“.

Навистина, речиси никој од политички заинтересираните во Македонија не го сфати сериозно зеленото ребрендирање на партијата со монолитна етничка структура, која дваесетина години е неизбежен фактор во споделувањето на власта и политичка оска околу која доминантно гравитираат албанските гласачи на секаков вид избори, токму поради агендата со освојувачки амбиции покриени со наративот – „никогаш не се доволно правата на (нашата) етничка заедница“. Таквата позиција, која ДУИ максимално прагматично и ефикасно ја применува веќе две децении, па нема ни причина суштински да ја менува, дури и во општиот македонски политички амбиент се чини дека е прифатена како легитимна парадигма за политичка функционалност на државата. Со така поставени „правила на играта“, изгледа како на оваа етничка политичка партија да ѝ е дозволено (па и очекувано) од другите политички фактори во земјава да си поигрува со принципиелноста во политичкото претставување и да блефира со декларираната партиска програма. Па, дури и во услови на глобално подигната воена готовност, финансиска, енергетска, здравствена криза, која сѐ повеќе ги затегнува ремените на економиите и нервите на граѓаните, ДУИ не може да се воздржи да не се пофали со враќање на основните поставки од етничката агенда.