Фото: Фејсбук/Фудбалска федерација на Португалија

Кристијано Роналдо со Португалија ќе игра во Катар, за разлика од Мохамед Салах (Египет) и Дејан Кулушевски (Шведска) кои во баражот не успеаја да обезбедат учество на Светското првенство во фудбал со нивните репрезентации.

Македонската одбрана успеа да го задржи Роналдо (најчесто на него внимаваше Висар Муслиу) да не постигне гол во синоќешниот дуел во Порто (0-2), но најдобриот португалски фудбалер успеа да асистира при водечкиот погодок на двојниот стрелец  Бруно Фернандеш.

Салах со Египет, пак, го претрпе вториот пораз на пенали од Сенегал за помалку од два месеца, по финалето на Африканскиот куп на нациите, промашувајќи удар од белата точка во вчерашниот дуел (0-1 по 120 минути игра и 1-3 на пенали). А Дејан Кулушевски со Шведска беше елиминиран од Полска 0-2 во решавачкиот дуел за пласман во Катар. Елиминацијата на Шведска значи и дека 41-годишниот Златан Ибрахимовиќ пропушти можност веројатно последен пат да настапи на Мундијалот.

Меѓу звучните имиња на светскиот фудбал кои нема да играат во Катар се и Ерлинг Халанд (Норвешка), Виктор Осимен (Нигерија), Ријад Марез (Алжир), Луис Дијаз (Колумбија), Алексис Санчез (Чиле), како и бројните ѕвезди од италијанската фудбалска репрезентација кои Македонија ги сопре на патот кон Катар.