Фото: Маја Јаневска-Илиева

Роналдо (37) го постигна првиот хет-трик за Манчестер јунајтед по 14 години и 59 дена (најдолга пауза во историјата на лигата) и сега има 807 гола во кариерата

ФУДБАЛ – ПРЕМИЕР-ЛИГА

Трите гола на Кристијано Роналдо на мечот Манчестер јунајтед – Тотенхем, 3-2, и рекордната бројка голови, како и победата на Ливерпул на гости над Брајтон, 2-0, го обележија 29-то коло во англиската фудбалска Премиер-лига.
Роналдо (37) го постигна првиот хет-трик за Манчестер јунајтед по 14 години и 59 дена (најдолга пауза во историјата на лигата) и мечот против Њукасл (6-0) во јануари 2008 година. За него тоа беше 807-от гол во кариерата, што би требало да значи дека сега е најдобар стрелец на сите времиња. Светската фудбалска федерација (ФИФА), 805-те гола на Јозеф Бичан, кој своевремено настапувал за тимови во Чехословачка и во Австрија, ги смета за најмногу, но не и како рекордни, бидејќи постојат претпоставки дека некои од головите тој ги постигнал на неофицијални и на тренинг-натпревари. На твитот на ФИФА за хет-трикот на Роналдо не се ни споменува рекордот.
Според чешката ФА, Бичан, кој починал во 2001 година, постигнал 821 гол, а неофицијалните фудбалски статистичари (РСССФ), кои првично ја објавија бројката 805, сега велат дека тој постигнал повеќе од 950 гола, вклучувајќи ги головите на аматерски и на тренинг-мечеви меѓу регионални тимови. Но Роналдо дефинитивно е најдобар стрелец на сите времиња на највисоко натпреварувачко ниво, иако е тешко да се утврдат точните бројки на голови кај некои други фудбалери. Бразилските легенди Пеле и Ромарио и иконата на Реал Мадрид и на Унгарија, Ференц Пушкаш, имаат околу 700 погодоци, но бројките варираат од извештај до извештај. Следен е Лионел Меси, со 759 гола за Аргентина (80), Барселона (672) и за ПСЖ (седум). На листата на РСССФ (вклучени се и неофицијални натпревари), најефикасни се Германецот Ервин Хелмхен (987 и повеќе), Бичан (950) и Англичанецот Роналд Рук (929 и повеќе).
– Исклучително сум среќен со мојот прв хет-трик откако се вратив на „Олд трафорд“. Ништо не го надминува чувството да се вратиш на теренот и да му помогнеш на тимот со голови и со игра. Уште еднаш докажавме дека можеме да го победиме кој било тим, сѐ додека се трудиме напорно и сме заедно како еден. Нема граници за Манчестер јунајтед. Без разлика на сѐ – напиша на Инстаграм португалскиот напаѓач.


Ливерпул втор тим со постигнати 2.000 првенствени гола

Ливерпул го победи Брајтон на гостувањето со 2-0 и остана непоразен и на 28-от првенствен фудбалски натпревар во англиската Премиер-лига, откако загуби од Лестер, со 1-3 во февруари 2021 година. „Црвените“ ја забележаа осмата победа во низа во Премиер-лигата, првпат по серијата од 18 последователни победи, која заврши во февруари 2020 година, на патот кон освојување на титулата во сезоната 2019/2020. Со овој триумф Ливерпул му се приближи на само три бода на лидерот и единствен ривал за освојување на титулата, Манчестер сити, кој вечерва му гостува на Кристал палас.
Вториот гол што го постигна Мохамед Салах од пенал, му беше 20-ти првенствен, 28-ми во сите натпреварувања сезонава, односно 2.000-ти на Ливерпул во Премиер-лигата. Поуспешен во оваа категорија од Ливерпул е само Манчестер јунајтед, со 2.173 гола. Потоа следуваат Арсенал (1.997 погодока), Челси (1.935), Тотенхем (1.716) итн.
Салах, кој четврта од петте сезони постигнува 20 и повеќе гола за „црвените“ во ова натпреварување (вкупно 115), стана 25-от играч што постигнал 50 гола на гости во Премиер-лигата. Само Хари Кејн (67) и Серхио Агуеро (85) стигнаа до таа бројка на помалку гостувања од Салах (91).