Холанд ги постигна четирите хет-трика по само 19 меча во Премиер-лигата, 46 меча побрзо од досегашниот рекорд. Најдобриот стрелец во Англија, Ширер, има вкупно 11 хет-трика и е единствениот со повеќе такви достигнувања од Холанд во една сезона. Холанд сега има повеќе првенствени голови сам сезонава од 51 тим во големите пет домашни лиги во Европа. На мечот со Вулверхемптон неговите три гола беа постигнати од само 16 допири со топката

ФУДБАЛ – АНГЛИЈА

Во победата на Манчестер сити со 3-0 над Вулверхемптон, Норвежанецот Ерлинг Холанд го постигна својот четврти т.н. хет-трик (три гола на еден меч), комплетирајќи го за само 12 минути, во меч од 19. коло на англиската фудбалска Премиер-лига. Неговиот број на голови по половина од сезоната достигна неверојатни 31 во сите натпреварувања, од нив 25 во Премиер-лигата. Некои рекорди се веќе соборени, други се на повидок.
Холанд ги постигна четирите хет-трика по само 19 натпревари во Премиер-лигата. За споредба, следниот најбрз фудбалер што стигнал до исто толку хет-трика во Премиер-лигата е Холанѓанецот Руд ван Нистелрој, кој го постигна тоа по својот 65-ти првенствен натпревар за Манчестер јунајтед, пишува „Би-би-си“.
Серхио Агуеро, кој беше претходник на Холанд во нападот на Манчестер сити, постигна 12 хет-трика во Премиер-лигата. Ниту еден фудбалер нема повеќе, а од играчите што моментно се активни во Англија, најмногу има Хари Кејн од Тотенхем, осум, пишува „Би-би-си“.
Алан Ширер постигна најмногу голови во Премиер-лигата, 260, постигна вкупно 11 хет-трика и е единствениот што има повеќе такви достигнувања од Холанд во една сезона, пет, во сезоната 1995/96, во која 31 пат ја затресе противничката мрежа.
Холанд веќе има 25 гола сезонава, што ќе беше доволно за да му ја донесе „златната копачка“ во повеќе од половина од 30-те сезони од преименувањето на англиската врвна лига во 1992 година. Кејн, трипати добитник на „златната копачка“, е најблиску до Холанд на листата на стрелци сезонава, со 10 гола помалку. Холанд моментно има повеќе првенствени голови сам сезонава од девет тима во Премиер-лигата, и од 51 тим во големите пет домашни лиги во Европа (Англија, Германија, Франција, Шпанија и Италија), пишува „Би-би-си“. Мечот со Вулверхемптон уште еднаш беше и вежба за ефикасен минимализам, откако неговите три гола беа постигнати од само 16 допири со топката.