Тој ги надмина Мик Квин и Серхио Агуеро, кои имаа постигнато по осум гола. Доколку продолжи со ова темпо, Холанд би можел да ја заврши сезонава со 68 гола!

ФУДБАЛ – ПРЕМИЕР-ЛИГА

Нов втор по ред хет-трик на младиот Норвежанец Ерлинг Холанд (22) во дресот на бранителот на титулата, Манчестер сити, на мечот против Нотингем форест, 6-0, во петтото премиерлигашко коло. Во минатото четврто коло, Холанд му даде три гола на Кристал палас и стана првиот играч што постигнал девет гола во првите пет натпревари во лигата, што е нов рекорд, надминувајќи ги Мик Квин и Серхио Агуеро (двајцата по осум гола). Тој е и првиот играч што постигнал девет гола во месец август (Кејн има дадено седум). Доколку продолжи со ова темпо, Холанд би можел да ја заврши сезонава со 68 гола! Холанд е седмиот играч што постигнал хет-трик на два последователни натпревара во Премиер-лигата. Напаѓачот на Тотенхем, Хари Кејн, е единствениот кому му успеало тоа двапати, во декември 2017 година.
Холанд им се придружи на Рахим Стерлинг и на Карлос Тевез во постигнувањето повеќе хет-трикови за Сити. Само Серхио Агуеро има постигнато повеќе од нив, четири.
– Серхио е легенда. Него никој не може да му ја одземе привилегираната позиција во срцата на навивачите на Манчестер сити, со постигнувањето на најважниот гол во модерната историја, во 2012 година. Но Ерлинг има квалитети да го достигне. Она што го направи за Норвешка, со клубовите во Австрија и во Германија, се обидува да го направи и овде. Познавајќи го, не сум сигурен дека би бил среќен да соборува рекорди ако не освојуваме титули – изјави менаџерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола.
Холанд го „украде шоуто“ со хет-трикот, но одличен впечаток остави и неговиот колега во нападот, Хулијан Алварез, кој постигна два гола на деби-настапот во Премиер-лигата. Алварез е седмиот Аргентинец што постигнал гол на првиот првенствен меч и прв што постигнува повеќе од еден гол.
Под водство на Пеп Гвардиола, Манчестер сити по 32. пат постигнува пет и повеќе голови во Премиер-лигата, што изнесува 14 отсто од нивните натпревари. Постигнатите 19 гола сезонава на Сити се најмногу во клупската историја во оваа фаза од првенството. Последен клуб што постигнал повеќе голови по првите пет кола (21) беше Манчестер јунајтед во сезоната 2011/2012. Л.Д.