На финалето Англија – Германија на „Вембли“ имало 87.192 гледачи, што е не само рекорд според посетеноста на финален меч на ЕП туку и на женски интернационален натпревар во Европа

ФУДБАЛ

Завршницата на Европското првенство (ЕП) во фудбал за жени што летово се одржа во Англија предизвика големо интересирање, имаше рекордна посетеност на стадионите, огромна бројка на ТВ-гледачи, како и навивачи што ги следеа натпреварите на интернет како никогаш досега, објави на својата интернет-страница Европската фудбалска унија (УЕФА), која заедно со Фудбалската асоцијација (ФА) на Англија, со организаторите, вклучувајќи ги градовите-домаќини и неколку партнери, направи пресек на настаните.
Тоа беше најгледаното женско ЕП досега, со проектирана глобална гледаност во живо од 365 милиони преку ТВ, онлајн итн., што е двојно поголема бројка гледачи во живо во споредба со ЕП 2017 година (178 милиони) и за 214 отсто повеќе гледачи во живо отколку на ЕП 2013 година (116 милиони).
Финалето Англија – Германија во живо го гледале над 50 милиони луѓе во светот, трипати повеќе отколку финалето во 2017-та (15 милиони гледачи). Процените се дека над 217.000 луѓе присуствувале на навивачките забави во градовите-домаќини и околу 20.000 во т.н. „навивачки прошетки“ на натпреварите. Над 2.300 волонтери биле обучени за да го подобрат целокупното искуство на навивачите. „Роуд шоуто“ на ЕП пропатувало повеќе од 1.200 км низ целата земја, застанало во 10 града и на над 35.000 луѓе им понудило информации за женскиот фудбал и за финалниот турнир. Натпреварите на ЕП биле прикажувани низ светот преку повеќе од 60 ТВ-оператори и дополнително преку УЕФА ТВ на одредени територии.

„Програмата за наследство“, поддржана од УЕФА, објавена во Велика Британија пред една година, која ќе трае до 2024-та, има цел да вклучи што повеќе девојки и жени во фудбалот. Во деветте града-домаќини на ЕП сега има нови 7.900 девојки и жени што играат фудбал во клубови, над 14.600 што почнале рекреативно да играат фудбал, а има и 145 новоквалификувани женски тренери.
На финалето Англија – Германија (2-1) на „Вембли“ имало 87.192 гледачи, што е не само рекорд според посетеноста на финален меч на ЕП туку и на женски интернационален натпревар во Европа, надминувајќи ги 80.203 гледачи што го гледале финалето на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Лондон 2012 година, исто така на „Вембли“. На ЕП 2022 е забележана и рекордна вкупна посетеност од 574.875 гледачи. Претходниот рекорд од 240.055, поставен во Холандија пред пет години, беше надминат уште во групната фаза и на крајот беше повеќе од двојно зголемен. Просечната посетеност од 18.544 гледачи по натпревар исто така е рекордна.
На глобално ниво, ЕП 2022 генерира 453,3 милиони социјални интеракции, најмногу на Тикток (38,7 отсто) и на Твитер (21,1 отсто). Во последната недела од турнирот, вклучувајќи ги полуфиналињата и финалето, имало над шест милиони нови следбеници или вкупно 14,6 милиони, што е за повеќе од 30 пати отколку во 2017-та. Забележани се и над 185,9 милиони видеопрегледи, исто така за над 30 пати повеќе отколку во 2017 година. Л.Д.