Македонија загуби од Грузија со 0-2 на гости во решавачкиот меч од борбата за пласман во повисок ранг во фудбалската Лига на нации. Домаќинот славеше со автоголот на Бојан Миовски во 35-та минута и со погодокот на најдобриот грузиски фудбалер Квича Кварачкелија во 65-та минута.
Македонските фудбалери имаа иницијатива од почетокот на натпреварот и се закануваа преку удари од далечина, главно преку Стефан Спировски, но Грузија поведе откако топката несреќно се одби од Миовски по остар центаршут на Кварачкелија во македонскиот петерец. Во второто полувреме изгледни прилики имаа Миовски, Езѓан Алиоски и Енис Барди, но не успеаја да постигнат гол. А со неколку сигурни одбрани се истакна и домашниот чувар на мрежата Гиорги Мамардашвили. Кварачкелија, пак, беше стрелец на вториот погодок за Грузија по контранапад што уследи по грешка на македонската одбрана.
Треба да се истакне дека македонскиот селектор Благоја Милевски пред денешниот натпревар се соочи со проблеми, главно поради повредите на неколку битни играчи.
Грузија на едно коло до крајот го обезбеди првото место во групата 4 од лига Ц (има шест бода повеќе од Македонија) што води во повисок ранг, во лига Б, а обезбедува и настап во плејофот за пласман на Европското првенство (ЕП) 2024 година.
Македонија во ЛН загуби од Грузија и во Скопје, со 0-3 во јуни, додека ремизираше гости со Бугарија (1-1) и двапати го совлада аутсајдерот Гибралтар, на гости (2-0) и дома (4-0). „Црвено-жолтите“ во последниот меч ја пречекуваат Бугарија в понеделник.