Министерот за правда Јетон Шасивари во првата половина на октомври ќе ги повика на консултативно-информативна средба студентите и деканите на факултетите на која ќе го презентира законското решение за начинот на полагање на правосуден испит. По извршените консултации институционално ќе се пристапи кон понатамошните чекори.
– Во овој период поднесени се пет барања од пет студентски асоцијации. Три бараат на албански јазик, едно бара на англиски јазик и едно бара на англиски и турски јазик. Бидејќи на овие пет универзитети се изведуваат правни студии од прв и втор циклус, односно магистерски студии, на јазиците што ги споменав, значи покрај македонскиот јазик, и на албански, англиски и турски јазик. Во оваа насока, од значење се и меѓународните и европските стандарди. Нивното почитување е многу важно во однос на овој инклузивен, односно сеопфатен пристап – изјави министерот за правда Јетон Шасивари.
































