Фото: Игор Бансколиев

Од Англија во ЛШ ќе игра и Манчестер јунајтед или Ливерпул, од Шпанија во трка за едно место се Сосиедад и Вилјареал, во Германија во комбинација за четвртата позиција се Унион Берлин и Фрајбург, од Франција ќе игра и Ленс или Марсеј, а во Италија за уште две места во трка се Интер, Милан, Аталанта, Рома и Јувентус. Од 26-те тима што директно ќе се пласираат во групната фаза, дебитант во ЛШ ќе има само Германија

ФУДБАЛ

Со мечевите од последните кола во следните десетина дена ќе се пополнат уште шесте слободни места за директен пласман во групната фаза на Лигата на шампионите (ЛШ) за следната сезона преку домашните шампионати. Во домашните првенства се чека разврската за уште по едно слободно место во Англија, Шпанија, Германија и во Франција, како и за две во Италија.
Во Англија може уште денеска да има разврска, ако Манчестер јунајтед не загуби дома од Челси, со што ќе стане четвртиот тим од Англија што ќе игра идната сезона во ЛШ, по Манчестер сити, Арсенал и Њукасл. Единствен конкурент на Манчестер јунајтед му е Ливерпул, кој има три бода помалку и еден меч за играње (со Саутемптон), а Јунајтед има два (со Челси денеска и со Фулам в недела). Во случај на ист број бодови решава вкупната гол-разлика (Манчестер јунајтед сега има плус 11, а Ливерпул плус 28).
Во Шпанија има уште две кола сезонава, а Сосиедад е на два бода до пласман во ЛШ, во која од таа земја од претходно местото го обезбедија Барселона, Реал Мадрид и Атлетико Мадрид. Единствен конкурент на Сосиедад (игра уште со Атлетико Мадрид на гости и со Севилја дома) за пласман во ЛШ му е Вилјареал (треба да се сретне со Кадиз и со Атлетико Мадрид дома и со Рајо Валјекано на гости). Сосиедад има осум бода повеќе од Вилјареал, а во случај на израмнетост според бодовите решава меѓусебниот резултат сезонава (Вилјареал победи со 2-0, а Сосиедад со 1-0). Шпанија може да има пет тима во ЛШ во идната сезона, ако Севилја победи во финалето на Лига Европа со Рома.

Во Германија на едно коло пред крајот на сезоната сигурни учесници во ЛШ се Борусија Дортмунд, Баерн и Лајпциг, а за четвртото место во трка се Унион Берлин и Фрајбург, двата тима со по 59 бода. Во 34. коло, Унион Берлин игра дома со Вердер, а Фрајбург гостува кај Ајнтрахт. Ако двата тима имаат ист број бодови решава вкупната гол-разлика (Унион Берлин има плус 12, а Фрајбург плус осум). И Унион Берлин и Фрајбург досега не играле во ЛШ.
Во Франција треба да се играат уште две кола, ПСЖ е сигурен на првото место, а за второто, кое, исто така, носи пласман во ЛШ, во трка се Ленс (78 бода) и Марсеј (73). Ленс треба да игра уште со Ажаксио (дома) и со Оксер (на гости), а Марсеј со Брест (дома) и со Ажаксио (на гости). При ист ист број бодови решава вкупната гол-разлика (Ленс има плус 34, а Марсеј плус 29). Третото место носи пласман во квалификациите за ЛШ.
Од Италија во ЛШ идната сезона ќе настапат Наполи и Лацио, а за уште две места, на две кола пред крајот на сезоната, во трка се Интер (66 бода, треба да игра уште со Аталанта дома и со Торино на гости), Милан (64, Јувентус на гости и Верона дома), Аталанта (61, Интер на гости, Монца дома), Рома (60, Фиорентина на гости, Специја дома) и Јувентус (59, Милан дома, Удинезе на гости). Меѓусебниот резултат решава при израмнетост со бодовите. Рома има шанса да се пласира во ЛШ и преку Лига Европа, ако победи во финалето со Севилја. Во тој случај и ако Рома не биде меѓу првите четири тима, Италија ќе има пет екипи во ЛШ во идната сезона. Ако, пак, Рома победи во Лига Европа и се пласира меѓу првите четири тима во Италија, тогаш, според најавите, директен пласман во ЛШ ќе обезбеди и третопласираниот тим од Франција.

Од другите првенства во групната фаза на ЛШ ќе играат Бенфика, Порто, Феенорд, Салцбург, Селтик и Црвена звезда. Преку годинашната ЛШ пласман во групната фаза за идната сезона може да обезбеди само Интер, и тоа ако победи и не биде меѓу првите четири во Италија. Манчестер сити своето место веќе го обезбеди преку англиското првенство. Од Лига Европа, пак, место во ЛШ може да обезбедат и Севилја и Рома, со тоа што Севилја само со триумф во Лига Европа, а Рома има шанса и низ првенството на Италија.
Вкупно во групната фаза ќе играат 32 тима, 26 директно, а шест од ква­лифи­кациите. Тоа ќе биде последна сезона со ЛШ со 32 екипи, откако Европската фуд­балска унија најави промени за сезоната потоа. Г.М.