Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во согласност со Законот за општа управна постапка, кога еден граѓанин вади лична карта, МВР е должно по службена должност да се обрати кај сите органи, дали кај Град Скопје или кај општините, министерствата или каде било, за информации, а тие, пак, се должни да ги достават бараните информации. А надлежните институции не го почитуваат законот!? Експертите со кои се консултиравме велат дека сѐ почеста е појавата надлежните да не можат ефикасно да ги сервисираат граѓаните, а причини за тоа има сè повеќе: од незнаење и нестручност, до системски слабости и неповрзаност на надлежните институции

Сè погласни граѓански негодувања при вадењето лични документи

Ако сте жител на една од 185-те спорни улици со променето име, тешко дека ќе успеете да поднесете барање за промена на лична карта или на кој било друг личен документ, бидејќи ќе треба да го докажете името на улицата на која живеете. А тоа, во овие услови, е еден тежок граѓански предизвик, сам по себе и за себе.

Нови и сè почудни предизвици за жителите на главниот град

Деновиве, секој што бил во Министерството за внатрешни работи за да извади лична карта или пасош, а живее на улица на која ѝ било сменето името од страна на Град Скопје, мора да приложи доказ за точното име на улицата. Според достапните информации, станува збор за 185 спорни улици, чии имиња жителите ќе мораат да ги докажат.
Минатата година им биле сменети имињата на 485 улици во главниот град, а длабоки проблеми се појавиле кај 185 улици, односно за жителите на тие улици. Сето тоа е затоа што од стара улица се создадени две-три нови улици со нови имиња, а немаат прецизна разграничувачка меѓусебна граница, па нејасно е за вработените на МВР на која улица живее подносителот.
На пример, една од спорните улици е и Љуба Ивановиќ, во скопски Бутел, чие ново име е Иса Болетини.
Имено, Б.Р. е жител на оваа улица и поднел барање за уверение уште на 10 мај, но сѐ уште нема повратен одговор од градските власти.
Живее во Швајцарија, тука е неговата постара мајка. Дошол со сопругата за да извади нови лични документи, меѓутоа сега се плаши дека ќе остане без нив, бидејќи мора да се врати во Швајцарија.
– Јас не можам да останам тука и да чекам со месеци. Дојден сум на 20 дена, да ја видам старата мајка, да завршам некои обврски, но и да ги сменам документите, кои мене и на сопругата ни се пред истекување. Кога отидов во МВР ми рекоа дека ќе морам да извадам уверение од градот. Отидов и таму, поднесов, платив 51 денар за потврдата. Оттаму ми рекоа дека за седум работни дена ќе го добијам уверението, меѓутоа, еве, поминаа и десет дена, а од нив ниту трага ниту глас. Ми дадоа и два телефонски броја за да се јавам да прашам дали е готово, меѓутоа на тие броеви никој не крева – вели тој.
И пензионерите го кренаа гласот. Поточно, членови на семејствата каде што пензионерите од низа реални причини не можат да ја исполнат наметнатата обврска лично, па нивни роднини се принудени да ги сервисираат овие наметнати институционални обврски.
За таа ранлива категорија граѓани, тие велат дека целиот свој работен век инвестирале во државата, па бараат надлежните да не ги тераат да ги менуваат документите.
– Генерацијата родена пред и за време на Втората светка војна е најзаслужна за просперитетот, слободата и мирот што денес сите го имаме. За волја на вистината поминале многу. Растеле во воени услови; гладувале по војната во периодот на купони и немаштија; безрезервно, со љубов и план го пошумувале Водно, учествувале на доброволни работни акции и дури 50.000 од нив го изградиле ҳидроенергетскиот систем Маврово. Личната заработка им била секогаш во втор план. На прво место бил подемот на училиштата, универзитетот, здравствениот систем, безбедноста и мирот како и културно-уметничкиот живот. Го спасувале Скопје кога Вардар го поплавил и повторно го изградиле кога земјотресот во 1963 година го срушил. Ни го направија ова мало парче земја пристоен простор за живеење. Ви благодариме. Денес, веруваме дека Владата и Министерството за внатрешни работи ќе се однесуваат со почит и благодарност кон таа генерација и со донесување одлука ќе ги ослободат граѓаните од над 80 години од обврската да ги менуваат своите лични документи. Да им овозможиме мирен и спокоен живот – вели наша сонародничка, која многу години живее во странство.
Таа вели дека Владата треба да размислува за оваа категорија граѓани, па дури смета дека треба токму тоа да го искористи за сопствена, институционална промоција.
– Станува збор за следново: да ја издигнеме свеста државните органи со почит и внимание да почнат да се однесуваат кон повозрасните граѓани. Еден од проблемите е сега вадењето нови документи со новото име. Ако се има слуҳ, можат да се изземат постарите и да не се малтретираат тие. И во корист на Владата е ова, бидејќи би бил одличен потег. Вин-вин е: и за надлежните и за граѓаните – се потенцира во дописот.
И за помладите граѓани ова е апсурдно, бидејќи, како што велат тие, воопшто не ни бараат да им се менуваат улиците, бидејќи не само што и тие се навикнати на имињата туку и не сакаат вакви дополнителни обврски.
– Во ера на дигитализација, во ера кога во некои држави во светот сите документи се вадат електронски и пристигнуваат на домашна адреса, навистина е смешно, да не речам глупаво, да треба да носиме доказ за тоа на која улица живееме. Мене воопшто не ми е важно чија била потребата да се менуваат имињата, важно ми е да си ги завршам обврските. Со овие дополнителни обврски што ни ги прават, не само што непотребно не малтретираат за нешто што самите тие електронски можеле да го завршат туку и ние мораме да плаќаме за тие документи – вели Саше Трпковски.

Што велат од МВР

Од Министерството за внатрешни работи информираат дека со одлука на Град Скопје им се променети имињата на 485 улици.
– Притоа селектирани се 185 нови улици за кои е потребно уверение од Град Скопје со цел утврдување на моменталната состојба со името на улицата со цел надминување на проблемите што беа воочени веднаш по примената на имињата на новите улици. Министерството за внатрешни работи не беше консултирано од Град Скопје пред и кога била донесена одлука за промена на имињата на улиците, но има обврска веќе донесената одлука да ја спроведе – велат оттаму.
Од министерството додаваат дека граѓаните што имаат закажан термин, а немаат уверение од Град Скопје не е потребно да закажуваат нов термин, бидејќи ќе бидат услужени.
– За семејство што има четири члена е потребно да се достави само една потврда, не е потребно поединечно да се достави посебна потврда за секој член. Уверението е потребно со цел точно утврдување на моменталното име на улицата – информираат од министерството.
За жал, од Градот одговори не добивме, иако прашањата ги испративме уште на 17 мај.

Како ја коментираат оваа појава експертите

Професорот на Правниот факултет „Јустинијан Први“, Борче Давитковски, кој предаваше во областа на јавна администрација и административно право, вели дека никој не го почитува законот иако постои.
– Во согласност со Законот за општа управна постапка, кога еден граѓанин вади лична карта, МВР е должно по службена должност да се обрати кај сите органи, дали кај Град Скопје или кај општините, министерствата или каде било, за информации, а тие, пак, се должни да ги достават бараните информации. Никој не го почитува законот. Тоа е нов закон од 2015 година, а се применува од 2016 г. За овој проблем има решение, надлежните да не ги шиканираат граѓаните – вели професорот.
Според него, срамно е ова што ни се случува, бидејќи низ многу обврски минуваат граѓаните и со промената на името на земјата, па тие мора да ги менуваат сите документи на сопствен трошок.
– Ете како органите на власта нѐ третираат како граѓани. За нив народот постои само кога треба да гласа… А во други околности – не. Ако некој менува имиња на улици како чорапи, тоа значи дека треба потребните финансиски средства во целост да ги обезбедат надлежните општини и да ги покријат. Некои држави имаат имиња на улици стари дури 300 години, кај нас постојано се менуваат… Какво е тоа самоволие – се прашува професорот Давитковски.

[email protected]