Бензема (лево) прославува еден од головите против Челси/Фото: Твитер - Реал Мадрид

Карим Бензема постигна втор хет-трик едноподруго во Лигата на шампионите, погодувајќи трипати во победата на Реал Мадрид над европскиот првак Челси со 3-1, во мечот од четврт-финалето одигран вечерва во Лондон.

Извонредниот француски напаѓач ја затресе мрежата на „сините“ со два удара со глава во првото полувреме, за потоа да искористи грешка на противничкиот голман Едуар Менди во вториот дел, додека Каи Хаверц беше стрелец за домаќинот.

Бензема претходно постигна три гола и во триумфот над Пари Сен Жермен од 3-1 во реваншот од осминафиналето на ЛШ.

Кралскиот клуб ја парафразираше познатата изјава на англискиот фудбалер Гери Линекер по повод импресивната партија на својот центарфор.

– Фудбалот е едноставна игра: 22 луѓе ја бркаат топката 90 минути, а на крајот Бензема секогаш погодува – беше наведено на официјалниот твитер-профил на Реал Мадрид.

Линекер по поразот од Германија во полуфиналето од Светското првенство во 1990 година истакна „фудбалот е едноставна игра во која 22 луѓе трчаат по топката, а на крајот секогаш победуваат Германците“.

Во вториот вечерашен меч од ЛШ, Вилјареал славеше над фаворизираниот Баерн со 1-0 со голот на Арнаут Данџума. Реваншите се играат на 12 април.