Фото: Твитер/Официјален профил на Ливерпул

Фудбалерите на Вилјареал водеа со 2-0 полувреме и беа на пат кон сензација во полуфиналето од Лигата на шампионите (ЛШ), додека Ливерпул делуваше индиспонирано во првите 45 минути на гостувањето во Шпанија, но влегувањето на Луис Дијаз во составот на „црвените“ во второто полувреме смени сѐ.

Колумбискиот крилен напаѓач, кој во зимскиот преоден рок стигна од Порто, го замени Диого Жота и веднаш направи разлика на теренот. Тој беше стрелец на вториот од трите гола за Ливерпул, додека во пресвртот на премиерлигашот погодија и Фабињо и Садио Мане, за вкупен резултат од 5-2 во двомечот.

Луис Дијаз/Фото: Твитер – Лига на шампионите

Дијаз со право беше прогласен за играч на натпреварот. Колумбиецот забележа 18 успешни додавања од 20 обиди, четири удари, четири успешни дриблинзи и четири освоени топки, покрај постигнатиот погодок. Пред неговото влегување во игра, Ливерпул немаше удар во рамките на противничкиот гол, а до 70-та минута постигна два гола од осум удари и имаше посед на топката од 75 отсто.

Ливерпул во финалето на ЛШ ќе се сретне против подобриот од утрешниот втор полуфинален дуел помеѓу Реал Мадрид и Манчестер сити 3-4. Ова е трет пласман на „црвените“ во мечот за трофејот во ЛШ во петте години под водство на Јирген Клоп (беа освојувачи во 2019 година, а загубија во 2018-та). Финалето се игра на 28 мај во Париз.