Дербито за Манчестер сити

Она што го направи Арсенал сезонава е неверојатно, но ние сѐ уште сме во игра за титулата. Лигата ќе се решава во последните осум или 10 натпревари, останаа уште 15, a тоа е многу, рече менаџерот на Манчестер сити, Пеп Гвардиола, по победата над Арсенал со 3-1

ФУДБАЛ – ПРЕМИЕР-ЛИГА

Битката за титулата во фудбалската Премиер-лига повторно стана неизвесна, откако Манчестер сити на гостински терен го доби заостанатиот дерби-дуел против Арсенал со 3-1 и на тој начин се израмни на врвот на табелата со лондонскиот клуб по 23 одиграни натпревари (51 бод). Арсенал, сепак е во мала предност оти има натпревар помалку од Манчестер сити, но четирите кикса во последните шест кола, секако, си го сторија своето, па нивната убедлива предност брзо се стопи.
Головите за Манчестер сити на стадионот „Емирати“ во Лондон ги постигнаа Кевин де Брујне (22 минута), Џек Грилиш (72) и Ерлинг Халанд (82), додека за Арсенал, мрежата од пенал ја затресе Букајо Сака (42), со кој израмни на 1-1, што беше и епилог по првите 45 минути.
– Она што го направи Арсенал сезонава е неверојатно, но ние сѐ уште сме во игра за титулата. Лигата ќе се решава во последните осум или 10 натпревари, останаа уште 15, a тоа е многу. Да загубивме, ќе имавме шест бода помалку, можеби и девет хипотетички, а тоа не е лесно потоа да се надомести – рече менаџерот на Манчестер сити, Гвардиола.
Манчестер сити во следното коло му гостува на Нотингем форест, а Арсенал оди кај Астон Вила, додека третопласираниот Манчестер јунајтед игра на свој терен против Лестер. Неизвесноста продолжува.
Табела: Манчестер сити 51 бод (23 меча), Арсенал 51 (22), Манчестер јунајтед 46 (23), Њукасл 41 (22), Тотнем 39 (23) итн. Г.И.