Фото: ЕПА

Велс или Полска ќе настапи во групата Д (Холандија, Австрија и Франција), победникот на средбата Украина – Исланд ќе игра во групата Е (Белгија, Словачка и Романија), а Грузија или Грција ќе се натпреварува во групата Ф (Турција, Португалија и Чешка). Со денешните дуели во Азија и во Северна Америка продолжуваат квалификациите за СП 2026, а ќе се играат и дуели за настап на првенствата на Африка и на Океанија, како и за опстанок во европската Лига на нациите

ФУДБАЛ

Квалификации за Светското првенство (СП) во 2026 година и мечеви за пласман на неколку континентални шампионати, како и за опстанок во европската Лига на нациите, се дел од мноштвото официјални фудбалски натпревари денеска, од кои во Европа во центарот на вниманието се трите финални дуели со кои ќе се комплетира составот на Европското првенство (ЕП) годинава во Германија.
Циклусот за пласман на Мундијалот што ќе се игра во САД, Канада и во Мексико веќе се одвива на неколку континенти, а во Азија во тек е втората фаза (денеска е четвртото коло, по две првопласирани селекции од деветте групи ќе се пласираат во третата фаза од квалификациите). Во почетна фаза се и квалификациите за СП 2026 во Северна Америка, а денеска се игра реванш од прелиминарната рунда.
Грузија – Грција (од 18 часот), Украина – Исланд и Велс – Полска (двете од 20.45 часот) се трите меча по кои победниците ќе обезбедат настап на ЕП 2024. Прелиминарна рунда се игра и во циклусот квалификации за Купот на нациите во Африка (денеска се играат реваншите), а ќе се игра и завршницата од квалификациите за Купот на нациите во Океанија. Во Европа на програмата е и реванш-натпреварот Литванија – Гибралтар (прв меч 1-0) за пласман во лигата Ц од Лигата на нациите за идната сезона.
Бараж-натпревари како дел од квалификации за европските првенства се играат од 1996 година и досега низ тие натпревари пласман на ЕП обезбедиле 18 репрезентации, меѓу нив и Македонија, за ЕП 2020, а по двапати тоа го остварија Холандија, Хрватска, Република Ирска и Унгарија. Од шесте кандидати за пласман на годинашното континентално првенство, пет селекции имаат можност првпат на ваков начин да се пласираат на ЕП, а од нив само Грузија би била дебитант на европските шампионати.
Третпат по ред на ЕП ќе играат 24 селекции, директен пласман имаше само домаќинот, Германија, а досега уште 20 репрезентации обезбедија настап низ квалификациите. Победникот на дуелот Велс – Полска ќе настапи во групата Д, во која се Холандија, Австрија и Франција, победникот на средбата Украина – Исланд ќе игра во групата Е, заедно со Белгија, Словачка и со Романија, а победникот на мечот Грузија – Грција на ЕП 2024 ќе се натпреварува во групата Ф, во која се Турција, Португалија и Чешка. Н.М.