Илустрација: „Нова Македонија“

Она што е заеднички именител во програмите на повеќето политички партии, тоа е дека сите нудат проекти со кои ќе се подобри животот на граѓаните, како и нивниот стандард, повисоки пензии за пензионерите, зајакнување на институциите, враќање на довербата во судството, во здравството, во образованието, инвестиции во инфраструктурата и во земјоделството, како и издигање на зелената свест

Политичките партии ги лансираа изборните програми

На помалку од еден месец од почетокот на изборната кампања за парламентарните избори, политичките партии ги обелоденија изборните програми со кои ќе се обидат да ја добијат довербата на граѓаните на изборите што треба да се одржат на 8 мај, заедно со вториот круг од претседателските избори.
Она што е заеднички именител во програмите на повеќето политички партии, тоа е дека сите нудат проекти со кои ќе се подобри животот на граѓаните, како и нивниот стандард, повисоки пензии за пензионерите, зајакнување на институциите, враќање на довербата во судството, во здравството, во образованието, инвестиции во инфраструктурата и во земјоделството, како и издигање на зелената свест.
И партиите од власта и оние од опозицијата се убедени дека нивните изборни програми се добитнички и претставуваат рецепт со кој на граѓаните ќе им обезбедат подобра иднина, така што во следните 25 дена ќе се обидат што подиректно да ги промовираат проектите во програмата пред македонските граѓани и на тој начин да го добијат нивниот глас на претстојните избори.


СДСМ со програма за европска иднина

Изборната програма на владејачката СДСМ за европска иднина се темели на 10 столба, врз чија основа ќе бидат покриени сите сфери на општественото живеење во земјава, како и на нејзината меѓународна политика.
Првиот столб во програмата на СДСМ се европските плати, како и повисок животен стандард за сите граѓани. Во понудата за наредните четири години во рамките на првиот столб е зголемување на просечната плата до 1.100 евра, а минималната плата на 600 евра.
Вториот столб е проектиран за обезбедување достоинствен живот за пензионерите. Проекциите во програмата се до 2028 година минималната пензија да биде 20.000 денари, а просечната пензија 30.000 денари или 500 евра. Дополнително, од оваа партија предвидуваат мерка – новогодишен пакет од 100 евра за секој пензионер во државата.
Понатаму, во десетте столба во програмата има и мерки за поддршка на младите, како стимул тие да останат да работат во својата земја.
За таа цел планираат да обезбедат по 200 евра месечно во првите 12 месеци за секое прво вработување на лицата до 26 години. За силна домашна економија, предвидувањата во програмата се 180 милиони евра директна финансиска поддршка на домашните компании за инвестиции во производство. Како поттик на економскиот раст, СДСМ предвидува 3,5 милијарди евра јавни капитални инвестиции.
Понатаму, планот е во наредните четири години да се инвестираат 2,7 милијарди евра во инфраструктурни проекти, односно 194 километри изградени автопатишта до 2028 година и реконструирани 950 километри патишта.
Во делот на земјоделството, во програмата на СДСМ се најавуваат субвенции и поддршка за земјоделците од 750 милиони евра. Во програмата е посветен дел и за образованието, а во таа насока приоритет е обезбедување безбедност и сигурност за учениците. Еден од проектите е бесплатен топол оброк за учениците во основните и средните училишта, како и бесплатен јавен превоз за сите ученици и студенти.
Во програмата на СДСМ ѝ е посветено внимание и на зелената агенда, како овозможување чиста животна средина и евтина електрична енергија.
Тоа планираат да го остварат така што ќе се зголеми вкупното домашно производство на енергија за најмалку 70 отсто до 2028 во однос на 2019 година. Се планира и да се обезбедат повеќе европски фондови за македонската економија, како и завршување на преговорите со Европската Унија до 2028 година и членство до 2030 година.


ВМРО-ДПМНЕ со „Платформа 1.198“ ќе ја бара довербата од граѓаните

Фокус на програмата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, насловена „Платформа 1.198“, се економијата и енергетиката, поддршка за општините и капитални инвестиции, здравствениот систем и демографијата, намалување на бројот на државни институции преку фузирање, намалување на бројот на пратеници, отворање две нови министерства и укинување на балансерот.
Програмата е именувана во согласност со бројот на мерки што се предвидени во неа, а се темели на пет клучни столба, активна и постојана борба за квалитетен животен стандард, отворање фронт против корупцијата, работа на институциите според закон, обезбедување функционален систем за граѓаните и заеднички патриотизам. Како шести столб е посочено непоколебливото почитување на правата и слободите на луѓето.
Кога станува збор за економијата, во програмата е предвиден раст на БДП до 5 отсто годишно, инфлација не повисока од 2,5 отсто годишно, буџетски дефицит под 3,0 отсто од БДП, намалување на невработеноста до 7,5 отсто, создавање нови 55 илјади работни места. И намалување на даноците како за граѓаните така и за фирмите.
Во програмата се најавува трансформација на енергетскиот систем кон обновливи извори на енергија, како и задржување на РЕК Битола во функција.
Понатаму, во програмата на ВМРО-ДПМНЕ во рамките на проектите поврзани со државната администрација се предлага намалување на бројот на пратеници, две нови министерства, укинување и фузирање на дел од јавните институции и укинување дел од надзорните и управните одбори, укинување на позицијата заменик-директор и укинување на балансерот, кој ги става граѓаните во нерамноправна положба.
Во делот на судските реформи и враќање на граѓанската доверба кон судството, ВМРО-ДПМНЕ во програмата предвидува распуштање на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители и пополнување со нов кадар, како и испитување на имотната состојба на судиите и на обвинителите.
Во програмата насловена „Платформа 1.198“ се предвидува изградба на клинички центар во Штип, вработување на 500 доктори и 500 медицински сестри, како и шест бесплатни ин витра. Партијата повторно се навраќа кон проектот „купи куќа“, финансиска помош за новороденчиња и за мајките и градинки за секое дете, во насока на подобрување на демографските состојби во државата.
За земјоделците се предвидени субвенции и загарантиран откуп и цена, обновување на системите за снабдување со вода, за општините помош од 250 милиони евра годишно за капитални проекти, фонд за културата и фонд за врвна наука за да се поттикне развојот на научноистражувачката дејност во државата.
Во делот на инфраструктурата, планот е до 2026 година да се заврши автопатот Кичево – Охрид, а во четиригодишниот мандат ќе ги изградат патните правци Тетово – Гостивар и Битола – Прилеп, како и реконструкција на железничкиот коридор 10.


Албанските партии со уставните измени како приоритет во програмите

Преостанатите помали партии сѐ уште официјално не ги промовирале изборните програми, иако дел од нив веќе ги објавија имињата на носителите на изборните листи за парламентарните избори. Партиите од албанскиот политички кампус во земјава, иако не излегле со изборните програми, фокусот продолжуваат да го ставаат на етничките прашања, меѓу кои она за промена на уставот и бришење на терминот 20 отсто за албанскиот јазик, избор на шеф на државата во парламентот, воведување функција заменик на претседателот, но и уставни измени за внесување на Бугарите во Уставот. Место во нивните програми ќе има и за слободата на медиумите и слободата на говорот, за поголема демократија во државата, како и за решителна борба со корупцијата и криминалот.
Програмата на опозициската „Вреди“, составена од албанските опозициски партии, ќе се темели на четири столба. Првиот е интеграција на државата во ЕУ, вториот е уставни измени со внесување на Бугарите во Уставот, третиот столб е владеење на правото и четвртиот столб е меѓународната и регионалната соработка.
И владејачката ДУИ засега не открива детали со што ќе ја бара довербата на граѓаните, имајќи предвид дека пред неколку години се профилираше како зелена партија, но барем во досегашните изборни циклуси не понуди ништо од зелената агенда. Она што последно во јавноста како некаков став го искажа партискиот лидер Ахмети, тоа е дека ќе продолжат да инсистираат на уставните измени и на избор на претседател на државата во Собранието.


ЗНАМ со фокус на домашно производство на храна и на енергија

Програмата на ЗНАМ се базира на основните програмски цели кон кои се стреми движењето, меѓу другото сите што живеат во државата да произведат доволно храна и енергија за државата да не зависи од никого.
Понатаму, потребен е баланс во општеството и политиката, а од голема важност за нормалното функционирање на државата е дефиницијата на соживот, така што мора да се гради реално мултиетничко општество.
Во програмата се инсистира и на поставување принципи и тие да се почитуваат, а не да се погазуваат. Тоа подразбира поставување јасни црвени линии кога станува збор за националните интереси што не смеат да бидат предмет на никакви разговори или преговори.
Демократија, владеење на правото и почитувањето на основните права и слободи на секој поединец се принципите по кои движењето ЗНАМ се води во својата програма, во насока да се променат состојбите во македонското општество.
Интеграцијата во Европската Унија останува стратегиска цел, но фокусот се става на средување на состојбите дома.
Клучни програмски цели остануваат уживање и почитување на човековите права и слободи, заштита на достоинството и историското и културно наследство на македонскиот народ, почитување на правата на етничките заедници, владеење на правото како темелен принцип на политичкиот систем, менување на постојната состојба во државата и посветена борба против непотизмот, корупцијата и организираниот криминал. Акцент се става уште и на темелни реформи во правосудниот систем, унапредување и јакнење на демократскиот капацитет на институциите, заштита и гарантирање на личната сопственост, развој на слободен пазар и поттикнување на претприемаштвото, заложби за слободата на говор и слободни, независни медиуми, социјално праведна и одговорна држава, афирмација на родовата еднаквост, развој на културата, образованието, науката и спортот, посебна заштита на децата и семејните вредности, децентрализација на државата и јакнење на локалната самоуправа, како и заштита и зачувување на животната средина.


Демократскиот сојуз за нов устав и коренити внатрешни реформи

Демократскиот сојуз ги наведува следните принципи на чие реализирање ќе инсистира во иднина и кои се дел од програмските определби на партијата.
Прво, темелни уставни реформи (нов устав), со кои ќе се етаблира функционална, современа и демократска држава, ќе се зајакне унитарниот карактер на државата, целосна департизација и деполитизација на виталните државни институции, со отстранување на решенијата (Бадентер, балансер итн.) што го блокираат демократскиот развој и јакнење на одговорноста на секој граѓанин.
Второ, коренити реформи на правосудниот систем, преку начинот на избор на судии и обвинители, ревизија на нивната работа, ограничување на мандатот на пет или седум години, со право на реизбор, уставни измени поврзани со кривична одговорност за одлуките што ги носат судиите, независен буџет, закон за Уставниот суд, транспарентен начин на избор на судии итн.
Трето, системски промени во поставеноста на борбата против тешките облици на криминал, нивна рационализација и формирање високопрофесионална агенција за борба против тешките облици на криминал и висока корупција, реформи во поставеноста на службите за безбедност (разузнавање и контраразузнавање) и нивна целосна деполитизација, безбедносни проверки и ветинг за сите вработени, кадровско прочистување и обезбедување плати во висина на платите на обвинители, судии итн.
Четврто, посебна програма за младите, услови за да отвораат бизнис, да создаваат семејства (поволни услови за купување стан, изградба на куќа и сл.), најмалку 30 отсто од кандидатите за советници, пратеници и други функционерски и раководни места да бидат предвидени за младите до триесетгодишна возраст.
Петто, слободна пазарна економија, Македонија да биде информатичка сила, целосна дигитализација, развивање заштита од сајбер-напади, примена на вештачката интелигенција, исфрлање на енергентите што загадуваат, замена на возниот парк со електрични возила итн.
Шесто, бесплатно образование (згрижување на децата во детски градинки, предучилишно образование, основно, средно и високо образование, магистериум и докторат), заострување на критериумите и контрола на приватниот образовен процес, бесплатна здравствена заштита и дисперзија на терциерната здравствена заштита, како и создавање услови за модернизација и повисоки плати.
Седмо, слобода на медиумите и едукација за препознавање лажни вести, формирање фонд за поддршка на медиумите, на младите таленти во уметноста, спортисти итн.