Фото: ЕПА

Додека се подготвуваше за веројатно последниот дуел на теренот со Клоп, Артета објасни што зел од успехот на германскиот стручњак во Англија и, исто така, верува дека следниот чекор за тимот што го гради во Арсенал е редовно да освојува големи трофеи, како Ливерпул на Клоп, откако веќе ги постигнал своите први цели во северен Лондон, пишува „Индепендент“

ФУДБАЛ

Тренерот на англискиот фудбалски премиерлигаш Арсенал, Микел Артета, вели дека зел „многу работи“ од владеењето на Јирген Клоп во Ливерпул, но и дека следниот чекор треба да биде имитација на неговиот трофеен успех, пишува британски „Индепендент“. Тимовите на Клоп и на Артета вчера на стадионот „Емирати“ играа меѓу себе.
Германецот веќе најави дека ќе го напушти Ливерпул на крајот на сезоната откако го презеде тимот во 2015 година. За тоа време тој ги водеше „црвените“ до титула во Премиер-лигата, до трофеи во Лигата на шампионите, ФА-купот и во Лига-купот. Арсенал во минатата сезона беше на врвот на табелата 248 дена пред да биде претекнат од Манчестер сити…
Додека се подготвуваше за веројатно последниот дуел на теренот, Артета објасни што зел од успехот на Клоп во Англија.
– Многу нешта. Особено идентитетот што го има неговиот тим, идентитетот што го има клубот. Многу е јасно. Тој е некој што е толку решен да се погрижи да стави печат во клубот. Тимот има многу јасни намери и однесувања, без разлика каде игра (секој играч). Ми се допаѓа тоа што го направи во Ливерпул – рече Артета.
Артета исто така верува дека следниот чекор за тимот што го гради во Арсенал е редовно да освојува големи трофеи, како Ливерпул на Клоп, откако веќе ги постигнал своите први цели во клубот од северен Лондон, пишува „Индепендент“.
– Првата намера беше да ги направиме нашите навивачи горди, на клубот, на тимот и како го претставуваме нашиот клуб, и да имаме амбиции и да уживаме. Мислам дека им ги дадовме овие две работи во претходните неколку години, веројатно повеќе од очекуваното. Но барањата се поголеми, и мора да бидат поголеми. Сега тоа треба да биде за да се освојуваат големи трофеи и постојано да се освојуваат големи трофеи и да се биде на самиот врв. За да се направи тоа, сите треба да имаат иста цел. Тоа едноставно не се случува ако не барате еден од друг на овој начин. Тоа е следниот чекор. Ливерпул го направи тоа, ние не – рече Артета, пренесе „Индепендент“. Н.М.