Фудбалот може да се подели во две епохи, пред и по Саки. Бескрајните тактички иновации што ги воведе тој, денес се темел на фудбалската игра, истакна првиот човек на УЕФА, Александер Чеферин

ФУДБАЛ

Прославениот италијански тренер Ариго Саки (76) ќе ја добие годишната „претседателска“ награда на Европската фудбалска унија (УЕФА) на денешната ждрепка за составот на групите во Лигата на шампионите (ЛШ) во Истанбул, објави УЕФА.
Претседателот на УЕФА, Александер Чеферин, му оддаде почит на Саки, еден од водечките светски фудбалски тренери на сите времиња, и ги поздрави неговите „бескрајни тактички иновации“, кои помогнаа „да се преобликува филозофијата на фудбалска игра“.
– Наградата е признание за професионалната извонредност и, дополнително, го почитува наследството што го оставија исклучителните поединци во фудбалската игра. Малку луѓе ја преобликуваа филозофијата на играта на начин како Ариго Саки. Фудбалот може да се подели во две епохи, пред и по Саки. Бескрајните тактички иновации што ги воведе тој, денес се темел на фудбалската игра, отсликана во генерации тренери што следуваа по него – истакна Чеферин.
Саки никогаш не играл врвен фудбал, но отсекогаш бил примерен ученик, познавач и вљубеник во фудбалската игра. Тренерската кариера ја започнал на 26 години во тим од третата лига, во Серија Ц. Тој веруваше дека тимот треба да доминира со високиот пресинг и со директната игра, при што играчите треба да се движат координирано и да понудат повеќе од она што се бара од нивните улоги во тимот.

Оваа негова визија стана реалност во Милан во сезоната 1987/1988, кога со клубот ја освои првата титула по девет години, потоа проследено со триумфи во Купот на европските шампиони (КЕШ) во 1989 и во 1990 година. Под негово водство „росонерите“ станаа еден од најдобрите тимови во историјата на фудбалот. Саки, исто така, беше успешен и како селектор на Италија, со која стигна до финалето на Светското првенство (СП) во 1994 година во САД, во кое „азурите“ загубија на пенали од Бразил.
– Саки повторно го измисли етосот на тимската работа, која се претвори во чиста хармонија на теренот. Совршената синхронизација и победничкиот начин на размислување, без разлика дали тимот играше дома или на гости, се чувствуваа речиси натприродно во 1980-тите. Токму тоа ја дели извонредноста од величественоста – рече Чеферин.
Претседателска награда на УЕФА се доделува од 1998 година, за извонредните професионални достигнувања, но и за личните квалитети, на и надвор од теренот. Меѓу добитниците на наградата се Данецот Симон Кјаер и медицинскиот тим на Данска на Европското првенство (ЕП) лани. Потоа Паоло Малдини, Алфредо ди Стефано, Боби Чарлтон, Еузебио, Џани Ривера, Франц Бекенбауер, Јохан Кројф, Ерик Кантона, Дидие Дрогба итн. Л.Д.