Возачот на Ред бул, Макс Верстапен, победи на осум од 13-те трки и има огромна предност од 80 поени пред единствениот реален ривал, Шарл Леклер од Ферари

ФОРМУЛА 1 – ПРЕД ТРКАТА ЗА ГН НА БЕЛГИЈА

По едномесечната летна пауза викендов со трката за големата награда (ГН) на Белгија во Спа, 14-та трка годинава, продолжува серијата од девет трки за 12 недели што ќе одлучуваат за титулата во Светското првенство (СП) во Формула 1 (Ф1), пишува „Би-би-си“.
Возачот на Ред бул, Макс Верстапен, ита кон втората титула. Тој победи на осум од 13-те досегашни трки и пред двете домашни трки, в недела во Белгија, потоа и во Холандија (на 4 септември), има огромна предност од 80 поени пред единствениот реален ривал, Шарл Леклер од Ферари. Во неодамнешното ексклузивно интервју за „Би-би-си“, Леклер изјави дека титулата изгледа „тешко достижна“, но и додаде „додека сѐ не е готово математички, сакам да верувам во тоа“. Реалноста е дека на Леклер му треба пресврт од историски невидени размери ако сака да победи.
Мерцедес имаше тежок почеток на сезоната во која беа најнеконкурентни во последните 10 години. Најдобриот резултат на Луис Хамилтон е едно второ место и ако продолжи во ваков стил може да му се случи за првпат во кариерата да не победи на ниту една трка во сезоната.

На трката во Белгија ќе има промени во правилата со кои Светската автомобилска асоцијација (ФИА) сака тркањето да го направи повозбудливо. Со новите правила, болидите ќе можат да бидат спуштени што е можно поблиску до асфалтот, што би можело да предизвика некои аеродинамички нарушувања. Болидот би можел да има и насилни вертикални осцилации, а можни се удирања и отскокнувања на патеката. Во јуни, возачите колективно побараа од ФИА да преземе акција, плашејќи се од долгорочен ризик за здравјето.
Кон крајот на септември или на почетокот од октомври се очекува да биде објавен и календарот за 2023 година. Ќе има промени, но колку и какви допрва останува да се види. Во Франција ќе нема трка, но веќе е потврдена новата главна трка, во Лас Вегас (САД) во ноември. Во тек се преговорите за враќање на патеката Кјалами во Јужна Африка, на која последен пат се одржа трка во 1993. Иднината на ГН на Белгија не е баш сигурна, но засега големи се шансите таму да се вози трка и во следната година. Постои неизвесност и околу враќањето на Шангај во Кина, каде што не е одржана трка од 2019 поради ковид-19. Се очекува Кина да биде во календарот, во октомври, за да ѝ се даде време на програмата за вакцинација на земјата да напредува. Катар ќе се врати по годинашната пауза поради СП во фудбал, најверојатно на патеката Лосаил, наместо на уличната патека во Доха. Се очекува сезоната да започне во Бахреин, потоа во Саудиска Арабија, па во Австралија, на 2 април. Потоа се трките во Катар, во Јужна Африка и во Имола, исто така во април. Новата трка во Мајами, Флорида, ќе биде на почетокот на мај, пред враќањето во Европа, во Шпанија и во Монако, и потоа назад во Северна Америка, во Монтреал во јуни. Л.Д.