Направен е добар спој меѓу поискусните и помладите, кои играат сѐ позрело и полека стануваат главни играчи, вели Димитровски, а Треневски смета дека „се чувствува дека народот е во синергија со репрезентацијата“ како и тоа дека „без оглед на конечниот резултат (во плејофот – н.з.) никој не може да нѐ сопре кон нашата цел да се најдеме на ЕП или на СП во блиска иднина“

Освојувањето на третото место во квалификациската група за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2020 година во фудбал е голем успех за Македонија, без дилеми. Пробиена е таа психолошка бариера постојано да се освојуваат четвртото, петтото, па и шестото место во групата, што мислам дека позитивно ќе влијае на сите играчи и на атмосферата во тимот пред наредните натпревари. Честитки за добрите игри и за постигнувањата заслужуваат сите фудбалери, на чело со селекторот, Игор Ангеловски, вели Ѓоре Јовановски, поранешен селектор на Македонија, истакнат тренер на повеќе клубови и поранешен фудбалер на Вардар и на Црвена звезда.
Македонија имаше повеќе од солидна квалификациска кампања во групата со Полска, Австрија, Словенија, Израел и со Летонија, играше добро на повеќето натпревари, забележа четири победи (и четири порази) и впечатокот е дека недостигаа некои мали работи или финеси на решавачките натпревари, особено против фаворитите, Полска и Австрија.

– Дали можеше повеќе и подобро? Да, секогаш може повеќе и подобро, тоа го кажа и селекторот Ангеловски. Но треба да бидеме реални, тој мал чекор до успехот, како што се вели, често е огромен и не може да се направи. Проблемот на Македонија е малиот фонд на квалитетни играчи, изборот е стеснет, и ако некој од стандардните првотимци се повреди или е суспендиран, ете, мака, како пред последниот меч со Австрија. Полска и Австрија и некои други репрезентации немаат такви и слични проблеми, или полесно ги решаваат – вели Јовановски.

Квалификациите за ЕП 2020 за Македонија не се завршени. Во март в година претстои плејофот во Лигата на нациите (ЛН), против Косово дома.

– Македонија може да го победи Косово. Имаме квалитет и искуство за такво нешто. Мотиви нема да недостигаат, но ќе треба добро да се подготвиме, да се концентрираме на тој меч, и се надевам дека повредите ќе нѐ одминат. Потоа ќе може да се размислува за следниот противник – вели Јовановски.

Игрите на Македонија во квалификациите и третото место како успех го оценува и Кочо Димитровски, легендата на Вардар, фудбалерот со најмногу одиграни натпревари во клупската историја, 845.

– Ова е најдобар пласман на Македонија досега во квалификации за ЕП па и за СП, тоа е за почит и честитки за тоа заслужуваат сите фудбалери, како и селекторот Ангеловски со неговите помошници во стручниот штаб. Во репрезентација беше направен добар спој меѓу поискусните на чело со капитенот Горан Пандев и помладите, како Елиф Елмас, Енис Барди, Бобан Николов, кои играат сѐ позрело и полека стануваат главни играчи. Но сега на Македонија ѝ претстои нов тежок испит во плејофот, мечот против Косово. Мислам дека најмногу ќе зависи од нас како ќе се одвиваат работите. Противникот никако не смее да се потцени, ниту, пак, да се прецени – вели Димитровски.

Некогашниот репрезентативец Виктор Треневски смета дека успехот е евидентен.
– На прво место се чувствува дека народот е во синергија со репрезентацијата и тоа е најважно. Селекторот маестрално и храбро ги вклопи играчите од некогашната млада репрезентација што играше на ЕП, на чело со Елмас, кој има место во секоја селекција во Европа, со огромна и искрена поддршка од Пандев, Ристовски… Нѐ чека тежок меч со Косово, но без оглед на конечниот резултат мислам дека никој не може да нѐ сопре кон нашата цел да се најдеме на европско или на светско првенство во блиска иднина, а дури тогаш нѐ чека голема работа – вели Треневски, сега тренер на Ком во Црна Гора, некогашен фудбалер на Партизан, тренер на Работнички… Л.Д.;Г.М.