Напаѓачот на Борусија Д. убедливо најбрзо постигна 20 гола во ЛШ, на само 14 средби, стана најмладиот во тоа натпреварување со таков голгетерски ефект, а со двата гола на дуелот со Севилја и првиот што постигнал барем два гола на четири меча едноподруго во ЛШ

ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ

Ерлинг Холанд ги постигна двата гола за Борусија Дортмунд на реванш-мечот од осминафиналето со Севилја, 2-2 (вкупен резултат 5-4 за Борусија) со што ја продолжи фантастичната голгетерска серија и стана првиот фудбалер што постигнал два или повеќе гола на четири последователни средби на кои настапил во Лигата на шампионите (ЛШ). Ниту еден играч не постигна повеќе голови од Холанд во ова натпреварување по дебито во септември 2019 година, 20 на 14 меча (Роберт Левандовски од Баерн постигна 19 за тој период).
– Чувството да се биде во четврт-финалето е многу убаво. Знаевме дека тие ќе се обидат да нѐ победат, но кога го постигнавме првиот гол беше полесно, бидејќи тогаш им беа потребни три. Бев малку нервозен при шутирањето на вториот пенал, но знаев дека ќе биде одлично да постигнам и втор гол – изјави Холанд за интернет-страницата на Европската фудбалска унија (УЕФА).
Холанд, исто така, ја има честа да биде најмладиот фудбалер што постигнал 20 гола во ЛШ. Тој рекорд претходно го држеше напаѓачот на Пари сен Жермен, Килијан Мбапе. Плус, Холанд е играчот што најбрзо постигнал 20 гола во ова натпреварување (12 за Борусија, осум за Салцбург) на 10 меча помалку од претходниот рекордер, напаѓачот на Тотенхем, Хари Кејн. Сезонава Холанд на 30 меча во сите натпреварувања постигна 32 гола.

– Тој го прави секој тим во светот подобар. Тоа момче е машина за постигнување голови, тој прави тоа да изгледа многу лесно, едвај и го промашува голот. Со Холанд во нападот, не ви се потребни многу шанси. Сите клубови ќе мора да застанат во ред и да подготват поголема сума пари за негов трансфер – изјави поранешниот играч за врска на Баерн и на Манчестер јунајтед, Овен Харгривс, за „БТ спорт“.
Вториот гол на Серхио Оливеира во 115-та минута од слободен удар, за 2-2, го одведе Порто во четврт-финалето на ЛШ. Голот со глава на Адриен Рабио, две минути подоцна, беше недоволен за натамошен прогрес на италијанскиот шампион, кој втора година во низа е елиминиран во оваа фаза на ЛШ.
– Прекрасно е чувството да се постигнат два гола на ваков меч. Пресреќни сме поради пласманот во следната фаза, го заслуживме тоа. Тоа е гордост за клубот, исто така и за нашата земја. Се намачивме, моравме да се браниме грчевито, но секогаш се обидувавме и да нападнеме, да постигнеме гол. Неизмерно сме среќни – изјави Оливеира, играчот за врска на Порто, за интернет-страницата на УЕФА.
Ваквиот расплет на настаните во Торино потсети на голот од слободен удар на Франциско Костиња во последната минута од мечот против Манчестер јунајтед на „Олд Трафорд“ во 2004 година, за реми, 1-1.

Со тоа Порто се пласира во четврт-финалето, во историската вечер за португалскиот клуб, кој таа сезона, под водство на Жозе Мурињо, триумфира во ЛШ. Сега 17 години подоцна, Оливеира, кој го постигна и првиот гол од пенал на мечот, го впиша своето име во клупската историја.
Јувентус е елиминиран на шест од последните седум нокаут-дуели во ЛШ кога беше поразен во првиот меч, а не му беше од полза ниту податокот дека не загубил на претходните 11 осминафинални натпревари на домашен терен (осум победи, три ремија). Порто оди понатаму иако е без победа на претходните 14 гостувања во нокаут-фазата во ЛШ (четири ремија и 10 порази).


СО НАЈМАЛКУ НАСТАПИ ДО 20 ГОЛА ВО ЛШ

ФУДБАЛЕР                                         МЕЧЕВИ
Ерлинг Холанд (9.3.2021)                   14
Хари Кејн (26.11.2019)                       24
Алесандро дел Пјеро (15.4.1998)        26
Руд ван Нистелрој (24.9.2002)            27
Филипо Инѕаги (24.9.2002)                 28

во заградата е датумот кога е постигнат 20-от гол
Извор: УЕФА