Норвежанецот Ерлинг Халанд (20) продолжува да блеска во фудбалската Лига на шампионите (ЛШ) откако вечерва постигна два гола во победата на Борусија Дортмунд над Севилја од 3-2 на гости, во осминафиналето.

Халанд беше прецизен во 27-та и во 43-та минута, додека за гостите погоди и Махмуд Дауд во 19-та минута. За Севилја во листата на стрелците се запишаа Сусо во 7-та и Лук де Јонг во 84-та минута.

Халанд е прв стрелец во тековното издание на престижното натпреварување со 10 гола на седум одиграни средби, додека има вкупен учинок од 18 гола на 13 натпревари во ЛШ, што не му успеало на ниту еден фудбалер пред него. Талентираниот напаѓач досега има 42 гола во исто толку настапи на Борусија Дортмунд во сите конкуренции.

Во вториот вечерашен меч Порто го совлада Јувентус со 2-1 на домашен терен, но Португалците можат да жалат и што не стекнаа поубедлива предност пред реваншот, бидејќи водеа со 2-0 до 82-та минута. Федерико Киеза тогаш го постигна единствениот погодок за Јувентус. Претходно Мехди Тареми во 2-та минута и Муса Марега во 46-та беа стрелци за Порто.

Реваншите од вечерашните мечеви се играат на 9 март.