Навивачите на Баерн му се нафрлија на газдата на Хофенхајм

На мечот Хофенхајм – Баерн (0-6), навивачите на Баерн истакнаа навредлив транспарент на сметка на првиот човек на Хофенхајм, Дитмар Хоп (79), кој не е омилен лик во германскиот фудбал

Хофенхајм и Баерн го одиграа еден од најбизарните завршетоци на натпревар во историјата на фудбалот, додавајќи си ја топката меѓусебно 13 минути, по прекинот на мечот што следуваше поради навредливиот транспарент на трибината.
Баерн водеше со 6-0 на гостувањето во Хофенхајм кога група навивачи „ултраши“ на Баварците истакна навредлив транспарент наменет за претседателот на Хофенхајм, Дитмар Хоп (79).

Лутиот тренер на Баерн, Ханси Флик, и повеќето играчи побараа од навивачите да го отстранат транспарентот. Спортскиот директор на Баварците, Хасан Салихамиџиќ и членот на управниот одбор, Оливер Кан, двајцата поранешни играчи, исто така се обидуваа да ги вразумат „ултрашите“. Судијата Кристијан Дингерт го прекина мечот, но по 20-минутна пауза, го продолжи од 77-та минута. Реакцијата на фудбалерите од двата тима беше бескрајното додавање на топката меѓу себе, без голманите на головите!

Милијардерот Хоп е цел на ривалските навивачи поради големите инвестиции во клубот (над 350 милиони евра) и редовно се соочува со обвиненија дека го купил успехот. Многумина го сметаат за симбол за комерцијализацијата на фудбалот.
Во 2015-та, Хоп го доби мнозинството гласови, еден од трите исклучоци од правилото 50 + 1, што значи дека навивачите мора да поседуваат повеќе од половината акции во клубот. Преостанатите два клуба во Бундес-лигата, кои не ги поседуваат навивачите, се Баер Леверкузен и Волфсбург, кои се формирани како фабрички клубови.

Навивачите на Баерн не се првите што протестираат против Хоп. Минатиот викенд поради сличен транспарент од навивачите на Борусија Менхенгладбах беше одложен натпреварот. На почетокот од минатиот месец, на навивачите на Борусија Дортмунд им беше изречена двегодишна забрана на гостувањата во Хофенхајм.

– Има многу опозиција меѓу навивачите на традиционалните клубови. Минатата недела навивачите на Менхенгладбах истакнаа транспарент со неговиот лик. Истото тоа го направија и навивачите на Дортмунд. Затоа и „ултрашите“ на Баерн се солидаризираа со нив. Ова е микрокосмос на дебатата што долго време постои и се разгорува во германскиот фудбал. Традицијата се заобиколува со напливот на пари. Тука се покажуваат разликите. Имате помали групи, „ултраши“, кои се залагаат за моделот на навивачка сопственост и поголемо мнозинство, кое само сака да гледа мечеви – изјави новинарот Арчи Ринд-Тут, за Би-би-си Радио5.