Девет играчи од САД настапија во ЛШ, сите на возраст од 25 години и помлади. Нивните настапи се во вистинско време поради тоа што САД треба да бидат домаќини на Светското првенство во 2026 година, заедно со Канада и со Мексико, се вели, меѓу другото, во статијата на „Би-би-си“

ФУДБАЛ

Фудбалот во САД е во голема експанзија, амбициите на фудбалските шефови почнаа да се остваруваат, а сѐ повеќе американски фудбалери играат во силни европски клубови и во Лигата на шампионите (ЛШ). Вестон Мекини беше импресивен во Јувентус, Сержињо Дест беше одличен во Барселона, Тајлер Адамс лани постигна гол за Лајпциг и се пласира во полуфиналето на ЛШ. Кристијан Пулишиќ од Челси и Џовани Реина од Борусија Дортмунд се големи таленти. Вкупно девет играчи настапија во елитното европско натпреварување, сите на возраст од 25 години и помлади.
Нивните настапи се во вистинско време поради тоа што САД треба да бидат домаќини на Светското првенство (СП) во 2026 година заедно со Канада и со Мексико, се вели во статијата на „Би-би-си“. Целта, според поранешниот претседател на Американската фудбалска федерација, Карлос Кордеиро, е „фудбалот да се изведе на нов и одржлив пат за генерациите што доаѓаат“.

Кога САД беше домаќин на СП 1994 просечната посетеност по натпревар беше 68.626, или вкупно имаше над 3,5 милиони гледачи, што го прави најгледан фудбалски турнир на сите времиња. Постои поголема група млади, талентирани фудбалери од САД што ги забележаа и врвните европски клубови. Во последниот преоден рок, Рома го ангажира 19-годишниот бек Брајан Рејнолдс од Далас, а Бренден Аронсон од Филаделфија замина во Салцбург. Еден европски фудбалски скаут за „Би-би-си“ изјави дека пазарот во Северна Америка отсекогаш бил „на радар“ на клубовите, но тој регион сега произведува „модерни, атлетски играчи што можат да се справат со големите барања и очекувања“…
Лери Сандерленд, директор за развој на играчи во Синсинати и тренер на селекциите на САД до 16 и до 17 години, вели дека фудбалот во САД ја проширил скаутската мрежа, истовремено подучувајќи ги скаутите како да идентификуваат специфични играчи што одговараат на посакуваниот профил. Стандардот на МЛС се подобрува, но останува чувството дека американските играчи треба да заминат во Европа за да ги реализираат потенцијалите, пишува „Би-би-си“.

– Тоа е битно за самодовербата, за верба во своите способности. Учиме за нови идеи, за нови филозофии и се подобруваме – вели Адамс.
Бундес-лигата е особено важна за американските таленти. На Адамс, Ричардс и на Реина, неодамна им се придружија Џош Сарџент во Вердер и Метју Хоп во Шалке. Но не се само германските клубови оние што ангажираат играчи од Северна Америка. Шпанскиот Атлетико неодамна го формираше Атлетико Отава во Канада, Манчестер сити и Њујорк сити се дел од фудбалската групација Сити, а Ренџерс има стратегиско партнерство со второлигашот Оринџ каунти…
– Сега учиме дека можеме да потпишеме договор со младите играчи и да ги охрабриме да одат во Европа и да заработиме пари. Тоа е разликата од непотпишување со играчот и чекањето до моментот кога сметаме дека е навистина подготвен. Во меѓувреме доаѓа европски клуб и го зграпчува – вели Сандерленд, пренесува „Би-би-си“.


„Развојот на играчот е поврзан со трпеливоста“

Мундијалот во 1994 година го зголеми интересирањето, но Лери Сандерленд, директор за развој на играчи во Синсинати и тренер на селекциите на САД до 16 и до 17 години, смета дека пресвртницата во продукцијата на таленти се случила пред 14 години.
– Развојот на играчот е поврзан со трпеливоста. Почнавме да го извлекуваме најдоброто од најдобрите со играње заедно. Го дефиниравме нашиот пат, ја дефиниравме нашата пирамида и повеќе од кога било ги охрабрувавме сценаријата за слободно играње, наместо плаќањето за да се игра. На највисоко ниво, тоа навистина ги охрабри клубовите да инвестираат во играчи – вели Сандерленд за „Би-би-си“.
Таквиот начин на работа им овозможи на најдобрите млади играчи да тренираат и да играат заедно десетина месеци во годината, во попрофесионално опкружување. Ова вклучуваше и едукација на тренери преку програмата со Француската фудбалска федерација, чија елитна академска структура во Клерфонтен беше основана 10 години пред нивниот прв триумф на СП, во 1998 година.