Роналдо е шестиот фудбалер што ја надмина границата од 700 гола, а од другите достигнувања се и водечката позиција на листата на стрелците во ЛШ, тој е прв стрелец на ЕП заедно со квалификациите, го дели првото место за најефикасен на ЕП, најдобар стрелец е во европските квалификации за СП, единствен постигна голови во финалиња на ЛШ за два клуба…

Кристијано Роналдо ја продолжи голгетерската серија и на 975-от меч во саботата го постигна својот 701. гол во фудбалската кариера. Тој минатата недела стана само шестиот фудбалер со постигнати барем 700 гола на официјални средби, кога ја затресе мрежата на мечот од квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2020 година, на кој Португалија загуби на гости од Украина, со 1-2. Границата од 700 гола ја помина во саботата, со нов гол во дресот на Јувентус. Тој сега има 95 гола за репрезентацијата (најмногу во Европа), 450 гола за Реал Мадрид (рекордер), 118 за Манчестер јунајтед, 33 за Јувентус и пет за Спортинг.
– Морам да уживам во моментот и да им се заблагодарам на оние што ми помогнаа да стигнам до овој импресивен ефект. Рекордите доаѓаат природно, не ги барам, тие ме наоѓаат – вели Роналдо.

Од другите достигнувања на Роналдо се и водечката позиција на листата на стрелците во Лигата на шампионите со 127 гола, тој е прв стрелец на европските првенства (заедно со квалификациите) со 36 погодока, со девет гола го дели првото место со Мишел Платини за најефикасен на ЕП, постигна голови на најмногу континентални првенства, на четири, најдобар стрелец е во европските квалификации за светските првенства со 30 погодока, единствен што постигна голови во финалиња на ЛШ за два клуба…

На врвот на листата на стрелци во официјални мечеви е Јозеф Бикан (1913-2001), кој играше за Австрија и за Чехословачка и кој постигнал 805 гола. Потоа следуваат Бразилците Ромарио, со 772, и Пеле, со 767, Унгарецот Ференц Пушкаш, со 746, и Германецот Герд Милер, со 735. Меѓу активните фудбалери води Роналдо, а втор е напаѓачот на Барселона, Аргентинецот Лионел Меси, со 673 гола на 829 меча.
Според податоците на Европската фудбалска унија (УЕФА), зад Роналдо на листата на стрелци за репрезентациите е Пушкаш со 84 погодока, а повеќе од 70 постигнале само уште Унгарецот Шандор Кочиш, 75, и Германецот Мирослав Клосе, 71.

Од водечките осуммина, со барем 60 гола Кочиш има најдобар просек, 1,1 гол по натпревар, оти 75-те гола ги постигнал на 68 меча за Унгарија. Просек од повеќе од еден гол на меч има и Милер, 1,09, откако своите 68 погодока ги постигна на 62 натпревари за репрезентацијата.


НАЈДОБРИ СТРЕЛЦИ ВО ЕВРОПА

ФУДБАЛЕР РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА ГОЛ. МЕЧ.
Кристијано Роналдо Португалија 95 162
Ференц Пушкаш Унгарија и Шпанија 84 89
Шандор Кочиш Унгарија 75 68
Мирослав Клосе Германија 71 137
Герд Милер Германија 68 62
Роби Кин Р. Ирска 68 146
Златан Ибрахимовиќ Шведска 62 116
Роберт Левандовски Полска 60 110
Имре Шлосер Унгарија 59 68

Извор: УЕФА


НАЈМНОГУ ГОЛОВИ ВО КАРИЕРАТА

Јозеф Бикан 805
Ромарио 772
Пеле 767
Ференц Пушкаш 746
Герд Милер 735
Кристијано Роналдо 701