Се чини дека Грција е целосно отсутна од случувањата во нејзиното соседство, во моментот кога ЕУ се соочува со последиците од трагичната одлука да не даде зелено светло за интеграцијата на Северна Македонија, напиша на Фејсбук лидерот на СИРИЗА и поранешен премиер на Грција, Алексис Ципрас.

– Грчкиот премиер кој не се осмелува да го изговори името на нашиот сосед, го прифати фаталното поврзување на интеграцискиот пат на нашиот сосед со оној на Албанија, без ниту да побара реформирање на правата на грчкото малцинство. На состанокот на Европскиот совет тивко ги следеше Данска и Холандија додека преговараа за иднината на Балканот. И сега со непријатност ја следи Италија, која предлага одново да започне пристапниот дијалог во ноември. Сигурен сум дека колку и да го кажува јавно крајно контрадикторниот став оти треба да го почитуваме штетниот договор, истовремено ќе се моли во соседната земја да не победат повторно националистите и го оспорат, меѓу другото, „срамниот” Преспански договор. Со овие работи, Грција за жал се враќа на улогата на статист во балканскиот регион. Малата Грција која ги следи иницијативите на трети – напиша Ципрас на Фејсбук.